Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) на 16 ноември, во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, ќе ја отвори изложбата „Мал формат / МиниАртура“. Отворањето е закажано за 20:30 часот, а изложбата обединува вкупно 111 дела од 64 автори. Во рамките на поставката „Мал формат“ ќе бидат изложени 64 дела од 37 автори, додека „МиниАртура“ ќе претстави 47 дела од 27 автори.
Двете поставки го ставаат во фокус уметничкото изразување преку мали димензии, но со богатство од идеи, техники и визуелни решенија. Претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева-Чупоска, посочува дека различните авторски пристапи покажуваат оти форматот не ја ограничува идејата, туку може дополнително да ја засили нејзината експресивност.
„Делото со помали димензии често создава непосредна и интимна комуникација со набљудувачот, барајќи поголемо внимание и поблизок контакт“, вели Манева-Чупоска.
За „МиниАртура“, таа истакнува дека станува збор за уметност на прецизноста и вниманието кон деталот, во која секој елемент има своја функција и значење. Претседателката на Уметничкиот совет на ДЛУМ, проф. д-р Маја Рауник Кирков, оценува дека „Мал формат 2026“ ја афирмира уметничката мисла, креативната слобода и можноста преку минимална физичка форма да се пренесат сложени естетски, емотивни и концептуални содржини.
За минијатурните дела, таа посочува дека бараат побавно набљудување, приближување и откривање на визуелните слоеви.
„Во нивните ограничени димензии често се отвораат неограничени простори на имагинацијата“, потенцира Рауник Кирков.
Изложбите нудат можност за средба со разновидни современи ликовни изрази, во кои малата димензија станува простор за креативна слобода и уметничка концентрација.
