Глобалниот нафтен пазар повторно е под силен притисок, откако на 13 мај Меѓународна агенција за енергија (IEA) предупреди дека светските резерви на нафта се намалуваат со рекордно темпо. Во исто време, цената на брентот се движи околу 107 долари за барел, додека кризата околу Ормускиот Теснец ја зголемува неизвесноста и стравот од нови поскапувања.
Според најновите анализи, конфликтот со Иран веќе го намалил очекуваниот глобален вишок на нафта и го претворил пазарот во зона на висока нестабилност.
Повикувајќи се на IEA, Bloomberg Adria објавува дека глобалните регистрирани залихи на нафта во март и април се намалувале со темпо од околу 4 милиони барели дневно. Во истиот период, набљудуваните глобални резерви – вклучително и нафта на море се намалиле за околу 250 милиони барели, што укажува дека пазарот повеќе не функционира со вообичаената „безбедносна перница“.
Ормускиот Теснец како клучна точка на ризик
Централна точка на кризата останува Ормуски Теснец, преку кој во нормални услови минува значаен дел од светската нафта и течен природен гас. IEA наведува дека производството од земјите во Заливот, погодени од ограничувањата во регионот, било значително под предвоените нивоа, додека глобалното снабдување дополнително опаѓа.
Иако засега нема неконтролиран скок, цените остануваат високи и чувствителни на секоја нова геополитичка порака. Според Reuters, на 13 мај брентот се тргувал околу 107,44 долари за барел, додека американската WTI нафта била околу 102,90 долари. Само еден ден претходно, цените биле слично високи, под притисок на слабите изгледи за договор меѓу Вашингтон и Техеран.
Резервите во САД исто така се намалуваат
Дополнителен притисок доаѓа и од САД. Според податоците на EIA, комерцијалните резерви на сурова нафта се намалиле за 4,3 милиони барели, на 452,9 милиони барели. Пад има и кај резервите на бензин, што дополнително го зголемува ризикот од поскапувања во наредниот период. ОПЕК ја намали прогнозата за раст на глобалната побарувачка во 2026 година, наведувајќи дека се очекува зголемување од 1,17 милиони барели дневно, наместо претходно проектираните 1,38 милиони.
Во меѓувреме, ОПЕК+ во април произведувал просечно 33,19 милиони барели дневно, што претставува значителна промена во динамиката на глобалното снабдување.