Кинескиот автомобилски гигант BYD води преговори со Stellantis и други европски производители за можно преземање на недоволно искористени фабрики во Европа, објави Bloomberg, повикувајќи се на извори од индустријата. Според информациите, разговорите се однесуваат на потенцијално преземање производствени капацитети во земји како Италија, со цел BYD дополнително да го зацврсти своето присуство на европскиот пазар.
Извршната потпретседателка на BYD, Стела Ли, во интервју за Bloomberg изјавила дека компанијата преферира самостојно управување со фабриките, наместо заеднички вложувања со други компании.
„Многу е тешко партнерство кога мора да барате дозвола од другата страна. Повеќе сакаме сами да управуваме со сè“, изјавила Ли.
Таа додала дека BYD е подготвен за соработка со други автомобилски производители во области како батерии и технолошки решенија, но не и преку заедничко производство.
Европа станува клучен пазар за BYD
Овие разговори доаѓаат само неколку дена откако Stellantis и кинеската компанија Leapmotor објавија планови за заедничко производство на автомобили во Европа. Во меѓувреме, BYD бележи силен раст на побарувачката за електрични возила, особено по скокот на цените на горивата предизвикан од кризата на Блискиот Исток и проблемите околу Ормускиот теснец.
Според Reuters, компанијата агресивно го шири своето меѓународно присуство, додека продажбата во Европа расте значително, особено по ценовната војна на кинескиот автомобилски пазар.
Stellantis молчи, BYD без официјален коментар
Од Stellantis засега одбиваат официјално да ги коментираат информациите за преговорите, додека BYD не одговорил на барањето на Reuters за коментар. Аналитичарите оценуваат дека евентуално преземање европски фабрики од страна на BYD би можело дополнително да ја засили конкуренцијата на европскиот пазар на електрични возила и да изврши нов притисок врз традиционалните европски автомобилски брендови.