Етиопјанецот Маназот Сијум Тафери победи на 43. Атински маратон и постави нов рекорд на патеката. Историската делница од Маратон до стадионот „Панатинаикос“ ја истрча за два часа, десет минути и три секунди, пренесува „Грик репортер“.
Тафери го подобри за 31 секунда претходниот рекорд, поставен од Кениецот Едвин Кипту во 2023 година. Втор заврши неговиот сонародник Асефа Тефера Менгиса со 2:10:18, а трет беше Кениецот Патрик Кетер Киплагат со 2:11:22.
Атинската патека е особено тешка поради долгите искачувања, главно меѓу десеттиот и 31. километар. Потоа следува спуштањето кон центарот на градот и финишот на мермерниот стадион.
За трките во рамките на дводневната програма биле пријавени рекордни 85.000 учесници, од кои околу 25.000 за маратонот долг 42,195 километри.
Извор: Greek Reporter
