Марс не е мртва планета: Научниците открија знаци на скриена вулканска активност

Европската вселенска сонда „ЕгзоМарс Трејс Гас Орбитер“ откри присуство на хлороводород над вулканските пукнатини на Марс. Научниците сметаат дека тоа може да укажува на магма што сè уште ја задржува топлината под површината, отворајќи нови прашања за геолошката активност и можноста за живот на Црвената Планета.

Нови докази за ослободување гасови над вулканските пукнатини укажуваат дека Марс можеби не е геолошки мртва планета, туку само мирува. Свежите пукнатини во регионот Алба Монс упатуваат на активни жаришта под површината, од каде што гасовите од внатрешноста на планетата наоѓаат пат кон атмосферата.

Меѓународниот истражувачки тим, предводен од Александар Трохимовски, смета дека ослободувањето хлороводород потекнува од врела магма под површината. Ова може да биде знак за вулканизам што сè уште не е целосно згаснат.

За откритието е заслужна европската сонда „ЕгзоМарс Трејс Гас Орбитер“ (ExoMars Trace Gas Orbiter), која уште во 2021 година за првпат регистрираше хлороводород во атмосферата на Марс. Бидејќи на Земјата овој гас вообичаено се ослободува од магматските отвори, научниците истражувале дали сличен процес се одвива и на Марс.

Новите наоди укажуваат дека Марс ја задржал внатрешната топлина во доволна мера за да овозможи вулканска активност до релативно блиското минато, а можеби и сè уште ја одржува.

Необични сезонски промени

Истражувачите забележале нагли зголемувања на концентрацијата на хлороводород на почетокот на летото на северната полутопка на Марс, на место и во период кога не се очекувало негово присуство. Концентрацијата на овој гас вообичаено се менува сезонски, достигнувајќи максимум во текот на зимата на северната полутопка, додека во лето главно исчезнува. Повеќето од овие промени се поврзани со циклусите на прашина и вода на Марс.

Но, научниците забележале отстапување од вообичаениот образец. Тоа се повторувало во исто годишно време и на исто место – над вулканските пукнатини на падините на Алба Монс. Иако Марс ги има најголемите вулкани во Сончевиот Систем, досега не беше познато колку е активна нивната вулканска структура. Сателитските снимки покажуваат дека некои вулкани биле активни во последните неколку милиони години, а сеизмометрите регистрирале и потреси на Марс. Сепак, досега не биле непосредно забележани нови лавини текови или ерупции.

Скриени живеалишта за микроорганизми

Истражувачкиот тим наведува дека ослободувањето на гасовите е поврзано со заспана магматска комора под површината на Марс. Магматските гасови, како што е хлороводородот, можеби во минатото биле позастапени и придонесувале за погуста атмосфера и потопла клима, создавајќи услови течна вода да покрива големи делови од површината на планетата. Доколку магмата што се издигнува низ кората на Марс дојде во контакт со подземни води, тоа би можело да создаде топли живеалишта погодни за развој на живот.

Затоа научниците сметаат дека потрагата по живот во пукнатините на регионот Алба Монс има научна основа. Активните хидротермални системи би можеле да содржат енергија и состојки неопходни за развој на микроорганизми, а истовремено да ги заштитат од суровите услови на површината. Откривањето на само неколку молекули од повремен извор, додека сондата непрекинато се движи низ орбитата, било исклучително сложена задача. Научниците ја споредиле со барање игла во стог сено.


Токму затоа, овие наоди би можеле да се покажат како едно од најголемите достигнувања на сондата „ЕгзоМарс“. Истражувањето е објавено во научното списание „Сајенс Авансес“ (Science Advances).

е-Трн да боцка во твојот инбокс