Мит или вистина: дали јајцата со потемна жолчка се поздрави?

Многумина веруваат дека јајцето со темнопортокалова жолчка е секогаш домашно и поздраво. Бојата на жолчката, сепак, главно зависи од храната на кокошката и не кажува многу за хранливата вредност на јајцето.

Скршете три јајца во иста чинија и веднаш ќе забележитете разлика. Едната жолчка е бледожолта, другата е златна, а третата речиси црвеникава. Ако на прв поглед ја изберете најтемната и речете дека тоа јајце сигурно е домашно и поздраво, веројатно ќе бидете во мнозинството.

За да разберете од каде доаѓа таа боја, треба да погледнете што јадела кокошката. Нијансата на жолчката во голема мера зависи од пигментите во нејзината храна, таканаречените каротеноиди. Тоа е група природни пигменти што им даваат боја и на многу растенија, од морковот до доматот.

Ако во исхраната на кокошката преовладува пченица, жолчката најчесто е посветла. Жолтата пченка и луцерката придонесуваат за поинтензивна боја, а на нијансата влијаат и пигментите што се додаваат во храната за кокошките несилки. Затоа и јајцето од продавница може да има изразито портокалова жолчка, исто како она што сте го купиле на пазар.

Од самата боја не може да се погоди што точно јадела кокошката, ниту да се заклучи дали се движела слободно на отворен простор. Темната жолчка не е доказ дека јајцето е домашно, ниту бледата жолчка значи дека јајцето е лошо.

Две јајца можат да имаат сосема различна боја на жолчката, а сепак речиси иста содржина на протеини и маснотии. Потемната нијанса може да укаже на количината и видот на пигментите, но сама по себе не е мерка за вкупната хранлива вредност на јајцето, ниту за здравјето на кокошката.

Истото важи и за лушпата. Многумина ги сметаат кафените јајца за поздрави од белите, но бојата на лушпата зависи од расата на кокошката, а не од квалитетот на јајцето. Така, ниту лушпата ниту жолчката не се сигурен показател за тоа што купуваме.

Многу повеќе информации се наоѓаат на самото пакување. Кога купувате јајца, проверете ја декларацијата и рокот на траење и внимавајте лушпата да не е напукната или оштетена. Свежите и правилно чуваните јајца се побезбедни, без оглед на бојата на жолчката.


Ако ви е важно како се одгледувани кокошките, побарајте ја ознаката за начинот на одгледување на пакувањето. Во Европската унија, на пример, бројот на почетокот од кодот на јајцето покажува дали кокошките се одгледувани органски, на слободен простор, во затворен објект или во кафези. Тој податок многу полесно ќе го најдете на кутијата отколку во чинијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс