Активисти во Берлин го симнаа германското и поставија палестинското знаме пред Бундестагот

Еден од активистите со алпинистичка опрема се искачил на јарболот пред германскиот парламент, ја отстранил германската застава и на нејзино место го поставил палестинското знаме. Полицијата покренала истрага против тројца учесници.

Пропалестински активисти во неделата ја симнале германската застава од пред зградата на Бундестагот во Берлин и на нејзино место поставиле палестинско знаме, соопштија германските власти. Еден од мажите, користејќи алпинистичка опрема, се искачил на јарболот пред зградата на германскиот парламент, ја отстранил германската застава и ја фрлил на земја, а потоа го поставил палестинското знаме.

Пожарникарите го симнале од јарболот по околу еден час, соопшти полицијата.

Против него и уште двајца мажи, кои ја снимале целата акција, е покрената истрага поради сомнение за кривични дела навреда на државата и нејзините симболи, оштетување имот и прекршување на забраната за собирање.

Активистите ја објаснија причината за акцијата

Тројцата мажи, на возраст од 20, 22 и 32 години, се членови на групата „Мирно против геноцид“ (Peacefully Against Genocide). На интернет објавиле дека акцијата ја извеле во знак на „граѓанска солидарност со луѓето во Палестина“. Претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), остро го осуди инцидентот и побара подобро обезбедување на германскиот парламент.

„Незамисливо е палестинските провокатори да не се воздржуваат ниту пред симболот на германското обединување“, изјави Клекнер за весникот „Билд“.


Германското знаме што било отстрането е познато како „Знаме на обединувањето“. Со површина од 60 квадратни метри, тоа има статус на официјален споменик и постојано се вее пред парламентот. Токму таму, на 3 октомври 1990 година, беше прогласено обединувањето на Западна и Источна Германија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс