Панкерски пристап кон технологијата: четворица млади прават блокчејн самит и хакатон во Скопје

Настанот „Blockchain Skopje Hackathon & Summit 2026“ од 15 до 17 мај ќе ги поврзе младите програмери, стартапи и иноватори од регионот. Се очекува да привлече учесници од Македонија и регионот и да го позиционира Скопје како нов центар за блокчејн и иновации.

Четворица млади ентузијасти, расфрлани низ различни европски земји, но поврзани со иста идеја да создадат нешто дома, стојат зад организацијата на „Blockchain Skopje Hackathon & Summit 2026“. Нивната цел не е само уште еден технолошки настан, туку обид да се создаде нова технолошка сцена во Македонија и регионот.

А бидејќи целиот концепт се темели на Web3 и блокчејн технологијата, пристапот што го носат е прилично неконвенционален речиси панкерски.

Што е Web3?

За оние што не се дел од технолошката индустрија, Web3 наједноставно може да се објасни како обид интернетот да стане подецентрализиран и поконтролиран од самите корисници.

Денешните платформи како Meta Platforms и нивните социјални мрежи функционираат така што една компанија ги поставува правилата, ги контролира податоците и одлучува што е дозволено, а што не. Корисниците практично „изнајмуваат“ простор на туѓа платформа.

Во Web3 светот, идејата е поинаква платформите да не зависат од еден централен сопственик, туку управувањето, податоците и правилата да бидат распределени помеѓу самите корисници преку блокчејн технологија. Иако концептот сè уште е во развој, многумина го гледаат како следен чекор кон поотворен и потранспарентен интернет.

„Сакаме Скопје да создава технологија, а не само да ја користи“

Со дел од организаторите Тадеј Илијевски и Филип Стефановски разговаравме за тоа што ќе понуди „Blockchain Skopje Hackathon & Summit 2026“, кој од 15 до 17 мај ќе се одржи во Скопје.

Според Стефановски, идејата е многу поголема од организација на обичен настан.

„Сакаме да создадеме место каде што луѓето во Македонија нема да учат за блокчејн од страна, туку ќе почнат да градат на него. Тоа значи поврзување на студенти, девелопери и компании и отворање реални можности преку проекти, работа и финансирање. На долг рок, целта е Скопје да стане место каде што се создава технологија“, вели Стефановски.

Тој додава дека Македонија веќе има талентирани луѓе и интерес за нови технологии, но недостига простор каде тие можат да се поврзат и заеднички да создаваат.

„Web3 индустријата сè уште е доволно отворена за нови играчи. Наместо само да ја следиме сцената, сакаме да создадеме услови тука да се градат проекти што можат да бидат глобални“, посочува Стефановски.

„Проблемот не е амбицијата, туку платформата“

Тадеј Илијевски смета дека младите во Македонија имаат знаење и амбиција, но често немаат простор каде тоа да го покажат.

„Израснавме во систем што нè учи да следиме однапред дефиниран пат – заврши факултет, па после ќе видиме. Поради тоа, многу млади луѓе растат со некаков невидлив плафон. Не затоа што немаат капацитет, туку затоа што немаат каде да го покажат“, вели Илијевски.

Тој додава дека токму затоа голем дел од талентот заминува надвор од државата.

„Сакаме да создадеме платформа каде што тие луѓе ќе можат да се поврзат, да градат и да бидат забележани. И ова е само почеток“, нагласува тој.

Настан што сака да создаде сцена, не само публика

Организаторите не очекуваат преку еден настан веднаш да ја сменат технолошката сцена, но веруваат дека може да започнат процес.

„Не очекуваме магично да се смени сè, но очекуваме да почне нешто многу поважно – да се создадат нови тимови, нови конекции и нови идеи што ќе продолжат и по настанот“, вели Илијевски.

Според него, „Blockchain Skopje“ е замислен како место каде што студентите, младите девелопери и искусните професионалци ќе можат да се сретнат, соработуваат и градат нови проекти.

Што ќе се случува на самитот и хакатонот?

Настанот ќе биде поделен во две целини и ќе се одржува на две локации – Base42 и Holiday Inn Skopje.

Хакатонот започнува на 15 мај во „Base42“, каде учесниците ќе имаат 48 часа да изработат функционални прототипи со фокус на инфраструктурата Solana Labs. Обезбеден е награден фонд од 1.000 евра.

Главниот настан „Blockchain Skopje Summit 2026“ ќе се одржи на 17 мај во „Холидеј Ин“, каде основачи, инвеститори и експерти од Web3 индустријата ќе дискутираат за иднината на блокчејн технологијата и можностите за развој на регионалниот технолошки екосистем. Самитот ќе вклучи и обраќање на Иван Бјелајац, како и прогласување на победниците од хакатонот.

Дополнително, воведен настан ќе се одржи и на 28 април во „Base42“, каде учесниците ќе работат на идеи за решавање реални локални проблеми преку комбинација од Web3 технологии и вештачка интелигенција. Организаторите велат дека фокусот нема да биде на „хајп“, туку на практична работа, производи и реални решенија.

„Технологијата има вредност само ако решава конкретни проблеми“, порачуваат тие.


е-Трн да боцка во твојот инбокс