Пентагон ја објави локацијата на една од своите нуклеарни подморници, што претставува исклучително редок потег и доаѓа само еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го одби најновиот мировен предлог на Иран.
Американската Шеста флота на САД соопшти дека балистичка подморница од класата „Охајо“ во неделата пристигнала во Гибралтар, британска територија на јужниот брег на Шпанија, пренесува The Hill.
„Невидливи платформи за балистички проектили“
„Посетата на пристаништето ја демонстрира способноста, флексибилноста и трајната посветеност на Соединетите Американски Држави кон своите НАТО сојузници“, се наведува во соопштението на Шестата флота.
„Подморниците од класата ‘Охајо’ со балистички проектили се невидливи платформи за лансирање на такви проектили и претставуваат најотпорниот дел од американската нуклеарна тријада“, додаваат од американската морнарица.
Пентагон не го откри името на подморницата, која се смета за едно од најтајните оружја на американската војска.
Локациите на американските нуклеарни подморници речиси секогаш се чуваат под строга тајност.
Растат тензиите со Иран
Трамп во понеделникот им изјави на новинарите дека американското примирје со Иран е „на апарати“ и го опиша како „неверојатно кревко“.
Според американски медиуми, во својата контрапонуда Иран побарал воени репарации, ирански суверенитет над Ормутски Теснец и укинување на американските санкции.
Американскиот претседател во неделата тој предлог го нарече „целосно неприфатлив“.
Што претставуваат подморниците од класата „Охајо“?
Класата „Охајо“ се состои од 14 подморници со балистички проектили и четири подморници со крстосувачки проектили. Подморниците со балистички проектили можат да носат ракети „Трајдент II“ и да извршуваат долготрајни патроли за нуклеарно одвраќање.
Подморниците со крстосувачки проектили, пак, можат да носат повеќе од 150 ракети „Томахавк“.