Стан од само 45 квадратни метри во Скопје бил продаден за дури 130.000 евра, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенција за катастар на недвижности за првиот квартал од 2026 година.Станот се наоѓа во Кисела Вода, а купувачот платил 177.667 денари по квадратен метар, односно околу 2.888 евра за квадрат.
И покрај високите цени, пазарот на недвижности бележи значително забавување. Според извештајот, бројот на трансакции во првиот квартал од 2026 година е намален за 16,4 проценти во споредба со последниот квартал од 2025 година.
Во првите три месеци од годината биле регистрирани вкупно 7.757 трансакции, од кои 5.174 биле купопродажби, а 2.583 изнајмувања. Продажбата на станови бележи пад од 27 проценти, додека нивната вкупна финансиска вредност е намалена за 23 проценти. Намалување има и кај продажбата на куќи, земјоделско земјиште, шуми и деловни простории.
Во истиот период, од инвеститори биле регистрирани 712 нови станови, што е за 29 проценти помалку во споредба со претходниот квартал. Сепак, Агенција за катастар на недвижности евидентирала 28.013 листови за градба со предрегистрација, што укажува дека голем број објекти се во изградба и допрва ќе се појават на пазарот.
Најголем број продадени станови имало во Аеродром, вкупно 193. Во Битола биле продадени најмногу куќи – 54, додека во Центар се регистрирани најмногу продажби на деловен простор. Во Кочани се продале најмногу земјоделски површини и шуми, а во Куманово најмногу градежно земјиште. Вкупната вредност на пазарот на недвижности во првиот квартал достигнала 276,3 милиони евра, што претставува пад од 12,4 проценти на квартално ниво.
Регионалната анализа покажува дека најмногу трансакции имало во Центар, 529, но и таму е забележан пад од 35 проценти. Следуваат Аеродром со 463 трансакции, Карпош со 365 и Кисела Вода со 331 трансакција. Најмал број трансакции биле регистрирани во Вевчани, Арачиново, Центар Жупа, Новаци, Пласница и Жерновци.