Квадратниот метар стан во Скопје во 2019 година чинел просечно 740 евра. Во 2026 година, во Кисела Вода е продаден стан за 2.888 евра за квадрат, а во општините Центар и Охрид максималните цени достигнуваат и над 3.000 евра. Пет години на непрекинат раст го трансформираа пазарот на недвижности во Македонија, а за купување просечен стан во Центар сега се потребни повеќе од четири просечни нето-плати за еден квадратен метар.
Раст кој почна по пандемијата, а не стивна
Трендот на поинтензивен раст на цените на становите во Македонија започна на крајот на 2021 година, кога во четвртиот квартал беше забележан раст од 11,3 проценти. Највисок раст следуваше во 2022 година, кога во третиот квартал растот надминуваше 20 отсто. Всушност, тоа е периодот кога цените на становите, особено во некои скопски општини, пораснале за повеќе од 50 проценти. Лидери во растот биле скопските општини Аеродром, Карпош и Центар.
За контекст на тој скок, Државниот завод за статистика последен официјален податок за просечна цена на квадратен метар објавила за 2019 година, кога изнесувала 45.493 денари, односно околу 740 евра. Со растот кој следуваше, просечната цена на становите во Скопје во вториот квартал од 2022 достигна 1.828 евра за квадратен метар, при годишен раст од 22,3 проценти.
Во Центар четири плати за еден квадрат
Денес, состојбата е далеку поинаква. Според извештајот на Катастарот за второто полугодие на 2025 година, максималната купопродажна цена во општини Центар достигнала 3.098 евра за квадратен метар, односно четири просечни нето-плати. Во скопски Карпош, максималната цена изнесувала 2.872 евра, а во Охрид дури 3.040 евра за квадрат.
Најактивни општини на пазарот на недвижнини биле Центар, Аеродром и Карпош, кои истовремено имаат и највисоки просечни цени на становите: 1.692 евра, 1.558 евра и 1.419 евра за квадратен метар соодветно. На другиот крај на скалата, во општини Гази Баба, Чаир и Бутел сè уште може да се купи квадрат по просечна цена под 1.000 евра. Со конкретен пример: стан во Кисела Вода од само 45 квадратни метри бил продаден за 130.000 евра, односно 2.888 евра за квадрат.
Охрид и надвор од Скопје
Покрај главниот град, Охрид сериозно му се доближува на скопскиот Центар по цени за недвижнини: стан во најпопуларниот туристички центар достигнал цена од 3.040 евра за квадратен метар, или еквивалент на 16 години и осум месеци просечна нето-плата за стан од 50 квадрати. Побарувачката на станови не стивнува ни во другите поголеми македонски градови: Битола, Велес, Прилеп, Штип и Струмица бележат постојан интерес.
Зошто растат цените: повеќе причини, нема едноставен одговор
Аналитичарите идентификуваат неколку паралелни фактори. Во 2021 и 2022 година градежните трошоци драстично скокнаа поради глобалната инфлација: челикот, цементот, изолацијата и дрвото поскапеа значително, а тоа беше главниот аргумент на инвеститорите. Но трошоците за материјали подоцна почнаа да паѓаат, додека цените останаа високи.
Периодот на висока инфлација ги мотивираше инвестициите во недвижности со цел зачувување на вредноста на парите. Дополнително, невладините организации изразуваат сомнежи, а надлежните вршат проверки дали преку градежните компании се перат пари, бидејќи купувањето поскапи станови со кеш дозволува легализација на поголеми суми.
„Домувањето е многу повеќе од економско прашање, тоа е човеково право и директно влијае врз демографијата, социјалната стабилност и квалитетот на живот. Кога цените на становите и на кириите растат побрзо од приходите, особено младите луѓе се соочуваат со сериозни ограничувања во планирањето на сопствениот живот”, изјавила Маја Сталеска, претседателка на Организацијата за домување и станари од Скопје, за МКД.
Кириите растат, па и бројот на изнајмувања
Купувањето сопствен дом станува недостапно за сè поголем дел од граѓаните, па пазарот на кирии реагира соодветно. Во второто шестмесечје на 2025 година на територијата на целата држава биле регистрирани 5.237 закупи, раст од 14 проценти или 650 закупи повеќе во споредба со истиот период од 2024 година. Цените во огласите за изнајмување се движат од 350 до 600 евра месечно за станови од 50 до 60 квадрати, во зависност од локацијата, а тоа значи дека најмалку половина од просечната нето-плата оди за кирија. T
Пазарот забавува, но цените не паѓаат
Последните податоци покажуваат знаци на ладење. Според Агенцијата за катастар, бројот на трансакции во првиот квартал од 2026 година е намален за 16,4 проценти во споредба со последниот квартал од 2025 година. Продажбата на станови бележи пад од 27 проценти, а нивната вкупна финансиска вредност е намалена за 23 проценти. Сепак, самото забавување на пазарот не значи пад на цените: вкупната остварена финансиска вредност на пазарот во 2025 достигна 1,14 милијарди евра, раст од 12,9 проценти во споредба со 2024 година.
Европа и регионот: Македонија не е исклучок
Растот на цените на недвижностите не е македонски феномен. Европскиот парламент констатира дека меѓу 2015 и 2023 година цените на куќите во ЕУ пораснале во просек за 48 проценти. Според Евростат, цените на недвижностите во последниот квартал на 2024 се зголемиле за речиси 10 проценти во споредба со истиот период претходната година, а кириите во ЕУ пораснале за повеќе од 170 проценти во споредба со 2015 година.
Во регионот, состојбата е слична или поизразена. Купувањето сопствен дом во Белград станало невозможна мисија пред цени кои одат над 4.000 евра за квадратен метар. Во рангирањето на најдобрите инвестициски дестинации во недвижности за 2025 година, Македонија се наоѓа на третото место во Европа. Тоа е добра вест за инвеститорите, но лоша вест за граѓаните кои бараат дом.