Владата го утврди новиот текст на Предлог-законот за игрите на среќа, со кој се воведуваат построги правила за рекламирање, поголема заштита на младите и ограничувања за објекти во близина на училишта.
Казината, автомат-клубовите и објектите за електронски игри на среќа ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Ова е дел од новиот усогласен текст на Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, кој Владата го утврди на денешната седница и ќе го испрати во Собранието.
Од Владата велат дека со законот почнува „нова, посериозна и поодлучна фаза“ во справувањето со нелегалното приредување игри на среќа, агресивното рекламирање и злоупотребите што, како што посочуваат, со години им нанесуваат штета на граѓаните, особено на младите, децата и семејствата.
Фокусот на измените, според Владата, е заштита на децата, младите и семејствата. Законот за првпат воведува строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа. Ќе биде забрането рекламирање надвор од деловните простории доколку има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа.
Ќе бидат забранети и пораки што коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми. Дополнително, нема да биде дозволено рекламирање преку познати личности, ниту содржини насочени кон малолетници.
„Испраќаме јасна порака дека коцкањето не смее да се нормализира, ниту да се претставува како стил на живот пред младите“, соопштија од Владата.
Законот предвидува и дополнителни ограничувања за обложувалниците што се наоѓаат во радиус до 500 метри од училиштата. Во нив нема да биде дозволено поставување електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.
Паралелно со законските измени, институциите преземаат мерки и против нелегалното онлајн коцкање. Од Владата информираат дека досега се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи кои незаконски приредувале игри на среќа во државата.
„Ова е борба за иднината на младите, за сигурноста на семејствата и за достоинството на општеството“, велат од Владата.
Предлог-законот сега треба да биде разгледан во Собранието, каде ќе се утврди дали и во каква форма ќе бидат усвоени најавените ограничувања.