Змии се забележани на најмалку три локации во Скопје во изминативе денови, што предизвика вознемиреност кај граѓаните, особено поради тоа што дел од појавите се регистрирани во населени и фреквентни делови од градот.
Според објавените информации, змии биле забележани на патот меѓу Горно и Долно Лисиче на 29 април, кај Кванташкиот пазар на 11 мај, како и во населбата Аеродром, на улицата „Владимир Комаров“ број 27, на 10 мај. Фотографии и снимки од змиите се споделуваат на социјалните мрежи, а граѓаните бараат побрза реакција од институциите.
Иако појавата на змии во овој период од годината не е невообичаена, особено при повисоки температури и во близина на тревни, запуштени или неуредени површини, проблемот повторно го отвора прашањето кој е надлежен за превенција, косење, чистење и постапување кога вакви случаи се појавуваат во урбани средини.
Што може да направат Град Скопје и општините ?
Град Скопје претходно има соопштено дека не е директно надлежен за дератизација или за постапување во случаи со змии, влекачи или глодари, туку дека според Законот за Град Скопје, дератизацијата и дезинфекцијата на населените места се во надлежност на десетте скопски општини.
Општините кои се надлежни за дезинфекција, дезинсекција и дератизација на населените места, како и за одржување на дел од јавните површини на својата територија, значи дека имаат обврска за редовно косење на тревата, расчистување на запуштени парцели, отстранување отпад и координација со стручни служби кога граѓаните ќе пријават појава на змии или други животни во урбана средина.
Сепак, тоа не значи дека Градот нема простор за превентивно делување. Неговата улога може да биде во одржување на јавната чистота, косење и уредување на градското зеленило, расчистување на запуштени јавни површини, отстранување отпад и координација со општините, јавните претпријатија и надлежните служби. ЈП „Паркови и зеленило“ е одговорно за одржување и развој на значителен дел од зелените површини во градот, а во надлежностите на Градот спаѓа и организирано одржување на јавни површини.
Практично, за да се намали ризикот од појава на змии во населени места, потребно е редовно косење на висока трева, расчистување на диви депонии, одржување на каналите, празни парцели и зелените појаси, како и јасна комуникација со граѓаните каде да пријават ваков случај. Општините се директно надлежни за интервенции од типот дератизација и дезинфекција, но Град Скопје може да има клучна координативна и превентивна улога преку своите јавни претпријатија и службите за одржување на јавните површини.