Иранскиот парламент ќе разгледува можност за зголемување на збогатувањето ураниум до 90 проценти доколку САД повторно извршат напад врз Иран, изјави пратеникот Ебрахим Резаи, портпарол на парламентарната Комисија за национална безбедност и надворешна политика. Тој порача дека ова е една од опциите што ќе се анализираат во Техеран.
Збогатување ураниум од 3 до 5 проценти вообичаено се користи за нуклеарни електрани, додека нивото од 90 проценти се смета за ниво потребно за производство на нуклеарно оружје. Заканата доаѓа во момент кога мировните преговори меѓу Вашингтон и Техеран повторно се во криза.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека примирјето со Иран е „на апарати“, откако го отфрли иранскиот одговор на американскиот предлог за крај на конфликтот. Тој го нарече предлогот „смеќе“ и рече дека не го прочитал до крај, што дополнително ги намали надежите за брз дипломатски договор.
Според Reuters, иранскиот предлог вклучувал барања за крај на војната, укинување на санкциите, отстранување на американската поморска блокада, признавање на иранскиот суверенитет врз Ормутскиот Теснец и компензација за воените штети. Вашингтон, пак, бара враќање на слободата на пловидба низ Ормут и ограничувања поврзани со иранската нуклеарна програма.
Од американскиот Стејт департмент соопштија дека државниот секретар Марко Рубио разговарал со австралискиот и британскиот колега за напорите да се обнови слободната пловидба во Ормутскиот Теснец, кој останува една од најопасните точки во кризата. Доколку дипломатскиот процес дополнително пропадне, заканата за 90-процентно збогатување ураниум може да ја отвори најризичната фаза од конфликтот досега.