Карпи се срушија врз патот кон Радожда, жителите бараат итна реакција

Голем одрон го блокираше патот на влезот во Радожда. Жителите предупредуваат дека опасноста не е помината и бараат стручна проценка на карпите над патот.

Голем одрон го блокираше патот на влезот во туристичкото село Радожда, а жителите предупредуваат дека опасноста не е помината и бараат стручна проценка на теренот.

Голема карпа се одронила на влезот во туристичкото село Радожда, на една од најфреквентните патни делници кон селото. Во инцидентот нема повредени лица, но жителите велат дека била избегната сериозна трагедија, бидејќи по овој пат секојдневно поминуваат возила, пешаци и семејства со деца.

По одронот, на терен интервенирале екипи на ЈП „Македонија пат“ и Центарот за управување со кризи, кои работеле на расчистување на патот и обезбедување на просторот.

Жителите на Радожда предупредуваат дека вакви одрони не се реткост во овој предел и бараат институциите да не реагираат само интервентно, туку да направат целосна проценка на стабилноста на карпите над патот.

„Можеше вчера да настрадаат луѓе, затоа што карпата падна на самиот пат. Да имаше поголема фреквенција, не знам што ќе се случеше. Во секој момент може повторно да се случи ваков случај, а не треба да се чека трагедија за државата да реагира“, изјави Михајло Солакоски, жител на Радожда.

Претседателот на месната заедница Радожда, Александар Јаулоски, вели дека само среќата спречила потешки последици.

„На само неколку метри од местото каде што се одрони карпата имаше жители со мали деца кои требаше да поминат таму. За среќа, немаме жртви, но стравот кај луѓето е огромен“, изјави Јаулоски.

Мештаните бараат итни анализи на теренот и вклучување стручни тимови, меѓу кои и експерти од Градежниот факултет, кои би ја испитале стабилноста на карпите и би предложиле трајно решение.

„За малку вчера, околу 18 часот, паднаа 13 до 15 тони камења на патот. Да поминеше некое возило или пешак, последиците ќе беа катастрофални“, изјави Петко Ставроски, жител на Радожда.

Дел од жителите сметаат дека проблемот со години се игнорира, а како дополнителен фактор ја посочуваат и прекумерната урбанизација и несовесното градење во овој дел од крајбрежјето.

Тие апелираат надлежните што поскоро да преземат конкретни мерки за заштита на патот и безбедноста на граѓаните, особено пред летниот период, кога фреквенцијата кон Радожда е значително поголема.

е-Трн да боцка во твојот инбокс