Дали Африка се распаѓа? Научниците открија пукнатина што би можела да создаде нов океан

Новите геолошки истражувања покажуваат дека огромна пукнатина во Африка можеби е почеток на процес што за милиони години би можел да создаде нов океан и целосно да ја промени картата на континентот.

Субсахарска Африка би можела во иднина буквално да се подели на два дела, а научниците веруваат дека веќе ги набљудуваат првите фази од тој драматичен геолошки процес. Според нова студија објавена во списанието Frontiers in Earth Science, огромната пукнатина во Земјината кора што се протега околу 2.500 километри од Танзанија до Намибија, можеби е многу поактивна отколку што претходно се мислеше.

Првите знаци на „раѓање“ на нов океан

Геолозите со децении сметаа дека раседот е неактивен, но сè повеќе докази укажуваат на спротивното. Во регионот се регистрирани помали земјотреси, зголемена температура под површината и суптилни промени во надморската височина забележани преку сателити. Најновото истражување оди чекор подалеку. Тим од Универзитетот Оксфорд анализирал примероци од термални извори и геотермални бушотини во Замбија.

„Имаме први геохемиски податоци од ова подрачје. Тоа е сосема нов тип доказ што сериозно ја зајакнува теоријата дека раседот е активен“, изјави Рута Каролите, која ја предводела студијата.

Научниците ги анализирале односите меѓу хелиум-3 и хелиум-4 – изотопи што можат да откријат дали течности од Земјиниот плашт се движат кон површината. Истражувачите откриле повисоко ниво на хелиум-3 од вообичаеното, што укажува дека материјал од длабочината на Земјата продира нагоре.

Според научниците, тоа е можен ран сигнал дека се формира нова граница меѓу тектонските плочи.

Африка веќе има еден голем расед

Континентот веќе го има познатиот Источноафрикански расед, стар десетици милиони години, каде што има силна сеизмичка активност и вулкани. Но развојот на раседот Кафуе би траел исклучително долго.

„Во најбрзото сценарио, тоа би можело да се случи за неколку милиони години. Во најбавото – за 10 до 20 милиони години“, објасни Мајк Дејли.

Тој додава дека јужниот дел на Африка еден ден би можел да се одвои, но пред тоа би имало многу повеќе земјотреси, вулканска активност и формирање огромни езера, слични на денешните во источна Африка.

„На крајот би можело да се формира и ново море, а потоа и океан“, вели Дејли.

Огромна можност за наука и економија

За научниците, раседот Кафуе претставува ретка можност да се следи „раѓањето“ на нова тектонска граница. Естела Атеквана смета дека ваквите процеси речиси никогаш не можат да се набљудуваат во толку рана фаза. Покрај научното значење, процесот би можел да донесе и економски придобивки за Замбија. Геотермалната енергија во регионот би можела да стане важен извор на електрична енергија, а постои и можност за експлоатација на хелиум – еден од најбараните ресурси во медицинската и технолошката индустрија.

Иако резултатите се охрабрувачки, научниците потенцираат дека се потребни дополнителни истражувања и примероци од поширок регион за да се потврди теоријата.

„Ова не значи дека Африка утре ќе се распадне. Овие процеси траат милиони години“, нагласува Атеквана.

Но, од научна перспектива, додава таа, човештвото можеби сведочи на еден од најретките природни процеси, создавање нова граница меѓу тектонски плочи и потенцијално раѓање на нов океан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс