Случајот со волкот заловен во Козле го отвори прашањето колку е дозволиво и опасно чувањето диви животни во домашни услови.
Чувањето диви животни во заробеништво е регулирано со Законот за заштита на природата. Според членот 32, забрането е чување и одгледување диви животински видови во несоодветни услови. За чување диво животно потребна е дозвола, која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство.
Главниот инспектор за заштита на природата во Државниот инспекторат за животна средина, Пејо Кировски, објаснува дека дозволата се издава само ако се исполнети условите предвидени со закон.
„Таа дозвола ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, која ги проверува минималните услови за живеење на животното. За да се добие таа дозвола, треба да се исполнат сите наведени услови пропишани во Законот за заштита на природата“, вели Кировски.
За непочитување на законот се предвидени глоби. Правно лице може да биде казнето со 3.000 евра доколку чува автохтони или алохтони диви видови во заробеништво без дозвола или во несоодветни услови. Доколку станува збор за алохтони диви животни што може да претставуваат опасност за животот и здравјето на луѓето, казната за правно лице изнесува од 8.000 до 20.000 евра. За физички лица, глобата може да достигне до 800 евра.
Кировски најави дека за случајот со волкот заловен во Козле ќе се изврши вонреден инспекциски надзор, со цел да се утврди потеклото на животното, каде било чувано и кој го чувал.
Волкот засега останува во Зоолошката градина во Скопје и е во карантин. Според Кировски, за вакви случаи треба да постои прифатен центар за одземени и ранливи животни, но во земјава таков центар сè уште нема.
Од ЗОО Скопје претходно потврдија дека по детални проверки, процени и консултации со домашни и странски експерти, животното заловено во Козле е волк, а не куче или мешанец. Тоа не било чипирано, тежело околу 25 килограми, а стручните служби земале крв за дополнителни анализи.
Од Зоолошката информираа и дека сопствениците на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак, по кое се трагало два месеци, дошле на лице место и потврдиле дека заловеното животно не е нивното куче.
Инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така, потврдиле дека станува збор за волк, односно Canis lupus.
Случајот повторно го отвори прашањето за потребата од јасни протоколи, едукација и институционална реакција кога диви животни се чуваат во несоодветни услови или се појавуваат во населени места.