Откако беше обвинет за две свирепи убиства, дополнителната истрагата за 26годишниот Т.Б од од Старо Нагоричане, кој се води како прв сериски убиец на жени во Македонија, открила уште четири нови кривични дела – две убиства и два обиди за убиство.
Ова денеска го откри јавниот обвинител Љубомир Лапе.
Тој додаде дека се работи за прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и биле нападнати токму поради нивниот пол.
„Собравме доволно докази од кои произлегоа доволно овие факти, можам да потврдам дека сите наводи изнесени во медиумите беа проверени лично од моја страна, дел не се потврдија, не бил апсен во Скопје, па пуштен. На социјалните мреѓи проструија и некои снимки, тоа исто не се потврди, но се потврди дека се работи за сериски убиец кој кривичните дела ги извршувал врз основа на родово базирано насилство, а се содржани и други елементи, убиства на подмолен начин, користољубие, тој дел уште ќе се доработува. Очекуваме благовремено да биде поднесено обвинение против ова лице, истакна обвинителот според кој за отприлика еден месец може да очекуваме обвинение“ порача обвинителот.
Со детали за продолжената истрага денеска излегоа и од МВР.
„СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе кривични пријави против Т.Б. (26) од село Драгоманце, Општина Старо Нагоричане, за сторено кривично дело „убиство” поради основи на сомневање дека ги убил Ј.А. од село Драгоманце и С.К. од село Клечовце, како и поради сомневање за сторено кривично дело „обид за убиство” врз С.А. и Р.Т.. По извршени проверки и ексхумација на телата на Ј.А. и С.К., утврдено е дека лицата починале од насилна смрт. Врз основа и на други сознанија и докази, било утврдено дека тој ги убил двете жени и во координација со ОЈО, против него е поднесена кривична пријава. Претходно, СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе кривични пријави против Т.Б. за убиство и на М.С. и М.М., а по предлог на јавниот обвинител, од страна на надлежен судија му е одредена мерка притвор.
СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе и кривична пријава за сторено кривично дело „несовесно вршење на службата” против мртвопроверителите М.С. и Д.Д. од „Општа болница”- Куманово“ стои во соопштението на МВР.