Утре во Јавна соба промоција на студијата за антиродовите движења: „Антиродови мобилизации во постјугословенскиот простор“

Македонското издание на меѓународно наградената книга ги анализира организираните напади врз родовата еднаквост и човековите права во регионот.

Македонското издание на научната студија „Антиродови мобилизации во постјугословенскиот простор: скриена врска“ ќе биде промовирано утре, 10 ноември, во 18:30 часот во просторот на Јавна соба во Скопје. Книгата, првично издадена од академскиот издавач „Palgrave Macmillan“, детално ги мапира политичките и општествените мрежи зад ширењето на антиродовите идеологии. Настанот истовремено отвора дебата за локалните предизвици со кои се соочуваат феминистичките и квир движењата во земјата.

Книгата ги истражува подемот, организирањето и влијанието на антиродовите движења во постјугословенскиот простор, анализирајќи ги политичките, историските и општествените околности што го овозможуваат ширењето на антиродовите идеологии. Истовремено, таа ги истакнува солидарноста и заедничките борби на феминистичките и квир движењата во регионот.

Во контекст на актуелните политички и општествени случувања, како и сè поизразените напади врз родовата еднаквост и човековите права, публикацијата отвора важни прашања за влијанието на антиродовите политики врз демократските процеси, образованието и општествениот живот.

На промоцијата ќе учествуваат уредниците на книгата, Адриана Захариевиќ и Роман Кухар, како и авторите на поглавјето посветено на Северна Македонија – Ирена Цветковиќ, Славчо Димитров и Мања Величковска.

Ги покануваме вашите новинарски и снимателски екипи да го проследат настанот, а воедно би ни било особено драго доколку најавата за промоцијата и информациите за публикацијата најдат простор и во вашите медиумски содржини.


По промоцијата ќе биде одбележана и десетгодишнината од работата на Фондацијата „Хајнрих Бел“ во Северна Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс