Младински образовен форум изрази сериозна загриженост и разочараност поради одлуката на Министерството за социјална политика, демографија и млади да ја прекине и повтори постапката за избор на младински претставник во Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка, РИКО.
Од МОФ оценуваат дека не станува збор за изолиран административен пропуст, туку за повторување на институционална пракса со која, како што велат, се обезвреднува учеството на младите и младинските организации. Според организацијата, ова е вторпат да се прекинува постапка за избор на младински претставник и да се негира веќе завршен избор.
Во реакцијата се наведува дека процесот за избор бил сложен, но инклузивен и транспарентен. Во него учествувале граѓански организации регистрирани во Регистарот на младински организации, бил објавен јавен повик, се пријавиле двајца кандидати, а со двајцата биле спроведени интервјуа од претходно формирана работна група. Младинските организации, според МОФ, имале можност да ги разгледаат кандидатурите и да учествуваат во оценувањето.
Од МОФ посочуваат дека постапката била потврдена од повеќе од половина од организациите вклучени во процесот, како што предвидувал правилникот за работа изгласан од самата работна група. Според нив, изборот од страна на младинските организации бил завршен, а единствено што преостанувало било формалното потпишување од страна на министерот.
„Дали потписот на еден министер е поважен од интересот на младите и нивното учество во регионалните процеси? Дали поради волјата на еден функционер, Македонија ќе остане без свој младински претставник во Управниот одбор на РИКО?“, прашуваат од МОФ.
Организацијата потсетува дека РИКО е создадена како регионален механизам за младинска соработка, помирување, мобилност и учество на младите од Западен Балкан. Токму затоа, според МОФ, изборот на младински претставник не смее да се третира како обична административна процедура што може да се поништува секогаш кога институциите немаат политичка волја да го признаат изборот на младинскиот сектор.
МОФ бара Министерството јавно и детално да ги објави наводните процедурални и формални недостатоци поради кои е прекината постапката. Оттаму сметаат дека општи формулации не се доволни за поништување на процес во кој учествувале младински организации, кандидати и работна група.
Воедно, организацијата бара Министерството да ја почитува волјата на младинските организации и да го финализира изборот на младинскиот претставник во Управниот одбор на РИКО, наместо повторно да ја враќа постапката на почеток. МОФ предупредува дека ваквото постапување ја продлабочува недовербата меѓу младите, граѓанските организации и институциите.