Поскапувањето на авионските билети во Европа е неизбежно доколку високата цена на авионското гориво продолжи да ги притиска авиокомпаниите, предупредува шефот на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, Били Волш.
Иако дел од авиокомпаниите неодамна ги намалија цените на европските летови поради послаба побарувачка, Волш оценува дека таквата состојба нема да може да трае долго. Според него, авиопревозниците не можат долгорочно сами да ги покриваат дополнителните трошоци.
„Дури и ако Ормускиот Теснец биде повторно отворен утре, влијанието на нарушувањата предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток сè уште ќе можат да се почувствуваат следната година“, рече Волш.
Затворањето на Ормускиот Теснец поради американско-израелската војна против Иран силно влијаеше врз цените на авионското гориво и ја зголеми загриженоста за можен недостиг во следните месеци. Европа, а особено Велика Британија, вообичаено се многу зависни од увозот од Блискиот Исток и се соочуваат со тешкотии во обезбедување алтернативни залихи.
Еврокомесарот за енергетика Ден Јоргенсен изјави дека не очекува сериозен недостиг на краток рок, но не ја исклучува можноста за проблеми со снабдувањето на долг рок.
Поскапувањето на горивата веќе се чувствува кај летовите на долги релации, каде дел од цените значително пораснале. Во исто време, некои европски билети привремено поевтиниле, бидејќи авиокомпаниите нудат попусти за да ги привлечат патниците кои се двоумат дали да патуваат.
Но, според Волш, попустите не можат да ја променат основната економска логика.
„Едноставно, нема начин авиокомпаниите да ги апсорбираат своите дополнителни трошоци. Може да има случаи кога авиокомпаниите ќе даваат попусти за да стимулираат одреден проток на сообраќај, но со тек на времето, високата цена на нафтата неизбежно ќе доведе до поскапување на билетите“, кажа Волш.