Американското Министерство за одбрана го стопирало планираното распоредување на повеќе од 4.000 војници во Европа, пренесуваат американски медиуми. Одлуката предизвикала изненадување кај дел од воените претставници, бидејќи дел од опремата и персоналот веќе биле подготвени за испраќање.
Според информациите, војниците требало да бидат распоредени во Полска како дел од редовна деветмесечна ротација на американските сили во Европа. Одлуката била соопштена на состанок на командата на американските вооружени сили за Европа (EUCOM).
Американските медиуми наведуваат дека EUCOM препорачал да не се испрати нов контингент од повеќе од 4.000 војници, но без целосно укинување на мисијата. Војниците требало да учествуваат во операцијата „Atlantic Resolve“, која САД ја започнаа во 2014 година по руската анексија на Крим, со цел поддршка на НАТО сојузниците во Европа.
Оваа одлука доаѓа само две недели по наредбата на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет за повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија. Во меѓувреме, Полска повторно изрази подготвеност да прифати дополнителни американски сили.
Полскиот претседател Карол Навроцки изјави дека во Полска моментално се распоредени речиси 10.000 американски војници, од кои дел ротираат низ различни американски бази во Европа.