Најмалку пет земји од источното крило на НАТО се во трка за поголемо присуство на американски војници, откако Доналд Трамп најави повлекување на 5.000 или повеќе американски војници од Германија. Полска, Естонија, Литванија, Латвија и Романија веќе изразиле интерес да примат дел од силите, гледајќи во американското присуство клучна гаранција за безбедност во близина на Русија.
Притисокот се засилил по најавата на Трамп дека ќе го намали бројот на американски војници во Германија, во услови на затегнати односи со Берлин. Дел од земјите од источното крило сега јавно, но и зад затворени врати, лобираат кај Вашингтон за трајно или засилено американско присуство на нивна територија.
Романија отворено порача дека ѝ се потребни повеќе американски војници, а слични пораки испратија и Полска, Литванија, Латвија и Естонија. За овие земји, особено по руската инвазија врз Украина, американските сили не се само воено присуство, туку и политички сигнал дека НАТО останува цврсто на источната граница на Европа.
Трамп веќе изјави дека е можно дел од војниците да бидат преместени во Полска, но конечна одлука сè уште нема. Пентагон, според американски извори, сè уште не утврдил кои сили би биле опфатени со намалувањето во Германија, ниту дали тие ќе бидат преместени во друга европска земја или вратени во САД.
Сепак, преместувањето не е едноставно. Аналитичарите предупредуваат дека не сите земји на источната линија имаат капацитет веднаш да примат дополнителни 5.000 војници. Полска и Романија имаат подобра инфраструктура, додека балтичките земји би морале дополнително да инвестираат во сместување, логистика и воени капацитети.
Најавата повторно ја отвора големата дилема во НАТО: дали САД ќе ја засилат одбраната на источното крило или ќе продолжат да бараат Европа сама да преземе поголем дел од товарот за сопствената безбедност. Засега, земјите најблиску до Русија ја гледаат оваа ситуација како ретка можност да добијат поголема американска заштита.