Главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, со години беше познат по празните булевари и речиси непостоечкиот сообраќај. Автомобилите беа привилегија резервирана за државниот врв, војската и партиските функционери. Но, според анализите на Reuters и сателитските снимки, ситуацијата во последните години значително се променила.
На улиците во Пјонгјанг денес има сè повеќе автомобили, а паркинзите пред хотелите и пазарите често се полни. Градот почнува да се соочува со проблеми типични за големите метрополи – сообраќаен метеж, недостиг на паркинг места и зголемен број приватни возила.
Во изминатите две години властите вовеле нови правила со кои формално се дозволува приватна сопственост на автомобили. Граѓаните што поседуваат возачка дозвола можат да купат едно возило по домаќинство преку државни продавачи. Сепак, автомобилите и понатаму остануваат луксуз достапен претежно за богатите и за елитата.
Иако санкциите на Обединетите нации од 2017 година забрануваат извоз на возила во Северна Кореја, податоците покажуваат зголемен увоз на автомобилски делови од Кина. Според извори, возилата и натаму пристигнуваат преку неформални канали долж кинеската граница.
На улиците на Пјонгјанг денес може да се видат кинески модели од марките Changan, Chery и Geely, но и луксузни европски автомобили како BMW и Audi. Странски фотограф кој неколкупати ја посетил земјата изјавил дека за време на последната посета бил изненаден од големиот сообраќаен метеж во центарот на градот.
Се проценува дека бројот на приватни автомобили во Северна Кореја следната година би можел да надмине 20.000. Цените на возилата се движат од околу 5.000 до 30.000 долари, а на пазарот веќе се појавуваат и електрични автомобили, како и првите станици за полнење.