Кинески хакери осомничени за голем кибернапад врз Европската комисија

Нападот врз информатичките системи на Европската комисија сè уште не е целосно ставен под контрола. Истрагата укажува на можна поврзаност со хакерска мрежа поддржана од Кина, но Брисел засега не припишува официјална одговорност.

Европската комисија се сомнева дека зад големиот кибернапад врз нејзините информатички системи стои мрежа хакери поврзана со Кина, дознава „Јуроњуз“ од два извора запознаени со случајот. Нападот сè уште се шири низ ИТ-системите на европската извршна власт, која повеќе од еден месец се обидува да го стави под контрола.

„Панда“ е кодното име што во рамките на Комисијата се користи за осомничените напаѓачи. Во заедницата на експерти за кибербезбедност, имиња на животни често се користат како неформални ознаки за поврзување на одредени групи со државите за кои се смета дека ги поддржуваат. Во овој случај, сомнежот води кон Кина. Комисијата досега одбиваше официјално да ја припише одговорноста за нападот, бидејќи внатрешната истрага сè уште трае, објави „Јуроњуз“.

„Што се однесува до припишувањето одговорност, истрагата мора да биде завршена за да можеме да откриеме кој стои зад ова. Значи, засега од наша страна нема официјално припишување“, изјави во понеделникот пред новинарите портпаролот на Комисијата за технологија, Томас Рењие.

ИТ-одделот на Комисијата на 22 октомври открил злонамерен актер во својата внатрешна мрежа. Речиси еден месец по почетокот на нападот, институцијата сè уште не успеала целосно да го спречи упадот. Во саботата била принудена да ја исклучи и интернет-платформата Академија на ЕУ. Станува збор за онлајн-платформа што им нуди на младите можности за професионален развој и специјализирано образование.

„Инцидентот сè уште се истражува. Јавниот пристап до платформата е оневозможен, а преземени се мерки за сузбивање, ублажување и ограничување на последиците од инцидентот, вклучително и превентивни, детекциски и корективни контроли“, се наведува на веб-страницата на Академијата на ЕУ.

Протекоа имиња и адреси на е-пошта

Комисијата потврди дека биле откриени имиња и адреси на е-пошта на корисници, кои биле предупредени дека напаѓачите би можеле да се обидат со дополнителни активности, како фишинг-кампањи во кои би ги искористиле нивните лични податоци. Тоа е првата поголема последица од инцидентот. Кога станува збор за другите ИТ-системи, експертите на ЕУ за кибербезбедност засега не потврдиле кражба на податоци што би го засегнала персоналот на Комисијата. Сепак, неколку внатрешни апликации биле превентивно исклучени од мрежата, а некои и натаму се недостапни.

Според актуелната процена на заканата, актерот поврзан со Кина не се насочил кон конкретни системи или поединци, што би барало поскриен и попрецизно насочен напад. Наместо тоа, целта наводно била пошироко да се испита до кој степен може да се загрозат информатичките мрежи на Комисијата.

Во истрагата се споменува кинеска алатка за кибербезбедност

Сомнежите за поврзаност со кинеските безбедносни служби се темелат на софистицираноста на нападот и употребата на АРТЕКС (ARTEX) – кинеска алатка за кибербезбедност што користи вештачка интелигенција за откривање ранливости во системите, кои хакерите потоа можат да ги искористат. Водечките компании за кибербезбедност, меѓу кои „Мајкрософт“ и „Краудстрајк“, ги поврзале групите „Сторм-0940“ и „Панда Вејпор“ со Кина. Според нивните извештаи, овие групи ја користеле алатката АРТЕКС во глобални шпионски кампањи потпомогнати со вештачка интелигенција, насочени кон стотици организации низ светот.

Европската комисија годинава била цел и на уште два кибернапада. Едниот ја погодил облачната инфраструктура на која се наоѓа нејзината веб-страница Европа.ЕУ (Europa.eu), а другиот бил насочен кон нејзината мобилна инфраструктура во јануари. Се смета дека двата напада потекнуваат од кинескиот екосистем на киберзакани, но дека ги извеле различни групи. Ниту во еден од случаите досега не била официјално утврдена одговорноста.

Кинеската влада постојано ги отфрла обвинувањата дека спонзорира, насочува или поддржува хакерски групи обвинети за кибернапади врз странски влади и институции.

Синдикатот ја критикуваше реакцијата на Комисијата

Откако нападот минатата недела стана јавен, најголемиот синдикат на вработените во Европската комисија остро го критикуваше начинот на кој институцијата управувала со инцидентот. Особено беше оспорен фактот што државните службеници дознале за нападот од медиумите. Претставник на Комисијата ги отфрлил критиките, нагласувајќи дека во вакви случаи не е предвидена јавна комуникација, бидејќи таа би можела да ги предупреди напаѓачите дека противмерките веќе се спроведуваат.


Според сознанијата на „Јуроњуз“, доверливоста е важна и за да се спречи ширење паника, што дополнително би им ја отежнало работата на експертите за безбедност кои се обидуваат да го стават нападот под контрола.

е-Трн да боцка во твојот инбокс