Четири намирници што можат да го намалат лошиот холестерол

Овесот, мешунките, оревите и екстра девственото маслиново масло можат да придонесат за подобра контрола на ЛДЛ-холестеролот. Клучна улога имаат растворливите влакна и здравите масти, но ниту една намирница не може да ја замени терапијата.

Високото ниво на холестерол е значаен фактор на ризик за срцевите заболувања, а статистиките покажуваат дека го имаат повеќе од 11 отсто од возрасните. Иако некои фактори, како возраста и семејната историја на болести, не можат да се променат, исхраната е еден од најважните фактори врз кои може да се влијае. Кардиологот д-р Џереми Лондон на својот профил на Инстаграм издвоил четири намирници што можат да помогнат во намалувањето на ЛДЛ-холестеролот, познат и како „лош“ холестерол. Во овој процес важна улога имаат влакната и здравите масти, пишува „Итинг вел“ (EatingWell).

Овесни снегулки

Препораката овесните снегулки да се вклучат во појадокот се темели на нивната висока содржина на влакна. Една шолја варени овесни снегулки содржи околу четири грама влакна. „Во дигестивниот тракт тие создаваат гел што се врзува за жолчката, која потоа се исфрла од организмот преку столицата“, објаснува д-р Лондон.

„Црниот дроб потоа препознава дека треба да произведе дополнителна жолчка – процес за кој е потребен холестерол – па го повлекува од крвотокот“, додава тој.

Истражувањата покажуваат дека за овој ефект е заслужен бета-глуканот, вид растворливи влакна што се наоѓа во овесот.

Грав и леќа

Мешунките, како гравот и леќата, се богати со растителни протеини и влакна. Половина шолја содржи околу осум грама влакна.

„Тие делуваат на многу сличен начин како овесните снегулки, токму благодарение на влакната што ги содржат“, вели д-р Лондон.

Редовното консумирање грав и леќа може да помогне и во намалувањето на воспалителните процеси, како и да придонесе за општото здравје на срцето. Комбинацијата од влакна и протеини обезбедува подолго чувство на ситост.

Овие намирници лесно може да се вклучат во секојдневната исхрана и да послужат како замена за одредени животински протеини во јадења како кари, такоси, чорби и супи.

Јаткасти плодови, особено ореви

„Јаткастите плодови, а особено оревите, го поттикнуваат црниот дроб да создава повеќе рецептори што го отстрануваат холестеролот од крвотокот“, објаснува Лондон.

Овој ефект се поврзува со здравите масти, особено омега-3 масните киселини што ги содржат оревите.

Кога заситените масти во исхраната ќе се заменат со поздрави масти, црниот дроб реагира со зголемување на бројот на ЛДЛ-рецептори. Тоа му овозможува да отстрани поголемо количество „лош“ холестерол од крвта, кој потоа организмот може да го исфрли.

Екстра девствено маслиново масло

Последната намирница на листата е екстра девственото маслиново масло.

„Тоа всушност не го намалува директно количеството холестерол во крвта, но студијата ПРЕДИМЕД (PREDIMED) покажа намалување од 30 отсто на зачестеноста на сериозните кардиоваскуларни настани кај лицата што редовно консумирале екстра девствено маслиново масло како дел од медитеранската исхрана“, објаснува Лондон.

Како и оревите, маслиновото масло е извор на здрави масти. Истражувањата укажуваат дека соединенијата што ги содржи можат да помогнат во намалувањето на ризикот од висок крвен притисок, дебелина и дијабетес тип 2 – состојби што се меѓу факторите на ризик за кардиоваскуларни заболувања.

При купувањето, се препорачува избор на маслиново масло во темни шишиња, бидејќи изложеноста на светлина го забрзува неговото расипување.

Ниту една намирница не може да ја замени терапијата

На крајот, д-р Лондон нагласува една важна работа: „Ниту една поединечна намирница не може да го постигне она што можат лековите кога станува збор за намалување на нивото на холестерол“.


Затоа е важно со матичниот лекар или кардиолог да се разговара за индивидуален план за регулирање на холестеролот. Сепак, усвојувањето здрави навики во исхраната, вклучително и редовното консумирање на овие намирници, може да биде добра почетна точка за одржување на здраво ниво на холестерол.

е-Трн да боцка во твојот инбокс