Со минута молчење во спомен на убиените жени, движењето „Ниту една повеќе“ вчера вечер со протестен марш низ центарот на Скопје го одбележа почетокот на кампањата „16 дена активизам“. Маршот тргна од паркот „Жена борец“, кај Собранието и заврши пред зградата на МВР. Институциите имаат рок до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, да одговорат на барањата.
Барањата имаат рок до 10 декември
Маршот помина мирно. Во колоната имаше најмногу млади жени и мажи, а на неговиот крај движењето ги прочита барањата упатени до институциите.
Првото барање е итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Предлог-измените се во Собранието од 26 август, односно веќе 91 ден до одржувањето на денешниот марш. Движењето бара и усвојување на осумте закони што ги опфаќа работната група, меѓу кои се законите за полицијата, семејството, социјалната заштита и судството. Дополнително, бара најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство.
Другите барања се однесуваат на институционалната одговорност и образованието. Заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство треба јавно да се објават, заедно со конкретни обврски, рокови и механизми за следење на нивното спроведување. Движењето бара и повлекување на сите регресивни измени во законите за основно и средно образование, како и во учебниците и наставните програми.
Доколку барањата не бидат исполнети во следните 15 дена, до 10 декември, движењето најави дека на тој ден ќе организира ново одбележување пред Собранието.
Трет протест за помалку од три недели
Вечерашниот марш не е прв. На 8 ноември „Ниту една повеќе“ повторно маршираше низ Скопје, а на 20 ноември движењето, заедно со Платформата за родова еднаквост, го блокираше булеварот „Илинден“ пред Владата. Протестите следуваат по серијата убиства на жени. Според ХЕРА Млади, од почетокот на 2026 година седум жени биле убиени во случаи на фемицид.
Официјалните податоци за првите девет месеци од годинава бележат 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство, со 1.144 жени како жртви. Тоа се речиси пет кривични дела дневно, во периодот од јануари до крајот на септември. Ниту претходните години не бележат помала загриженост. Според податоците на МВР што Трн.мк ги објави утрово, во 2025 година дури 4.745 жени пријавиле семејно насилство, а во периодот од 2021 до 2025 година биле убиени 26 жени.
Кампањата „Своја на своето“ и повикот за мораториум
Кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“ трае до 10 декември, а годинашниот слоган е „Своја на своето“. Ја организираат агенциите на ОН во земјава, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасади, институции и граѓански организации. Низ државата се најавени јавни дебати, трибини и активности за подигање на свеста. На национално ниво, посебен акцент е ставен на економското насилство – форма на злоупотреба што често останува непрепознаена, а може да биде и вовед во потешки облици на насилство.
Дел од граѓанскиот сектор бара годинашните 16 дена да изгледаат поинаку од претходните. Мрежата за заштита од дискриминација, Националната мрежа за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост повикаа на мораториум на сите протоколарни и промотивни настани во рамки на кампањата. Наместо тоа, тие бараат времето да се искористи за носење политички одлуки, преземање институционална одговорност и обезбедување финансиски средства за вистинска заштита на жените.
ХЕРА Млади бара детална истрага за институционалните пропусти во случајот со 17-годишната девојка од Богданци. Организацијата бара и достапна психолошка и правна поддршка за секоја жртва, засолништа, осветлени јавни површини и безбеден ноќен јавен превоз.
