Времето во земјава денес ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните делови од земјата. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), локално се очекуваат над 30 литри дожд на квадратен метар за 24 часа. Минималните температури ќе се движат од 2 до 7 степени, а максималните од 7 до 12 степени. Ќе дува умерен, а наместа повремено и засилен ветер од јужен правец. Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд и слаб до умерен ветер од јужен правец. УХМР+1
Снег на планините, заладување за викендот
Според временската најава на УХМР, под влијание на циклонска активност, нестабилното време ќе продолжи до недела. Во текот на целиот период локално се очекуваат и над 80 литри врнежи на квадратен метар.
Со спуштањето на студена воздушна маса од север, за време на викендот врнежите на некои од повисоките места ќе бидат од дожд и снег, додека на планините се очекува снег и формирање нова снежна покривка. Во Скопје, врнежите ќе продолжат до недела, а во повисоките делови од котлината за време на викендот дождот може да премине во снег. Од почетокот на следната работна недела се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, но утрата ќе бидат студени, со температури под нулата.
