Основачот на Римац Автомобили, Мате Римац откри дека имал остри судири со раководството на групацијата Фолксваген околу иднината и за тоа како треба да се развива Бугати. Во интервјуто за автомобилскиот портал Класик Драјвер кажа дека се спротивставил на плановите моделот Широн да биде да биде целосно електричен.
Расправијата се случила во 2020 година, во период кога автомобилската индустрија масовно почна да вложува во електричните возила. Групацијата Фолксваген тогаш разгледувала опција наследникот на Бугати Широн да биде целосно електричен теренец (SUV) со четири седишта, а компанијата на Римац учествувала во развојот на електричниот погон заснован врз технологијата од моделот Невера (Nevera).
Сепак, бидејќи тогаш постоечките платформи не можеле да се искористат за новиот Бугати, ќе морало да се вложат милијарди во развој на целосно нова архитектура. Проектот се покажал економски неисплатлив и не добил одобрение од германската управа.
Бидејќи Бугати немал одржлив план за нов модел, Римац во тоа видел деловна можност. Тој им предложил на челниците на Фолксваген неговата компанија да го преземе развојот и производството на целиот автомобил, додека германскиот гигант би останал задолжен за продажбата.
На еден од состаноците добил неочекуван одговор од еден од директорите на групацијата Фолксваген, кој го прашал зошто едноставно не ја преземе целата компанија. Римац првично помислил дека станува збор за шега и по враќањето дома воопшто не им ја споменал понудата на своите соработници. Неколку месеци подоцна истиот човек го побарал телефонски за да го праша зошто не му се јавил, по што започнале преговорите кои траеле две и пол години.
Кога за време на преговорите се отворило прашањето за техничкиот концепт на идниот Бугати, раководствата на Фолксваген и Порше (Porsche) инсистирале следниот хиперавтомобил да биде целосно на струја. Со оглед на тоа што Римац веќе ги имал развиено електричните модели Концепт Уан (Concept One) и Невера и соработувал со големи производители на батериски системи, таквиот избор делувал очекуван.
Хрватскиот претприемач сепак проценил дека целосната електрификација би била погрешен чекор за идентитетот на Бугати.
„Жестоко се скарав со нив бидејќи сметав дека тоа е погрешен потег за Бугати. Им реков: Не, не сакам да направам електричен Бугати“, изјави Римац.
Групацијата Фолксваген на крајот попуштила и се согласила на хибриден погон, но поради намалување на трошоците сакала да ја задржи старата платформа на Широн. Римац го одбил и тој компромис, оценувајќи дека приспособувањето на постојната конструкција за батерии би ги нарушило перформансите на возилото.
Уште пред официјално да завршат преговорите за преземање на брендот, неговата компанија со сопствени средства го финансирала почетокот на развојот на целосно нов бензински мотор во соработка со британската инженерска компанија Косворт (Cosworth). Инженерите најпрво изработиле прототип со четири цилиндри, односно четвртина од планираниот V16 мотор, за да ги тестираат перформансите, емисиите, трошоците и времето за развој.
Резултатите ги увериле партнерите во исправноста на концептот, од кој во 2024 година произлезе моделот Бугати Турбијон (Bugatti Tourbillon). Автомобилот доби нов атмосферски 8,3-литарски V16 бензински мотор во комбинација со електромотори. Шест години по стартот на развојот, Римац потврди дека Бугати веќе ги распродал сите примероци од Турбијон што се планирани за производство.
