Синдикатите во Грција на масовен штрајк, бараат повисоки плати и враќање на 13-та и 14-та плата

Синдикатите во Грција штрајкуваат со скратени линии во градскиот превоз во Атина, променети и откажани фериботи кон островите и барања за повисоки плата и подобри услови.
Фото: Tadeáš Bednarz, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Синдикатите од јавниот и приватниот сектор во Грција денес излегуваат на 24 часовен генерален штрајк со итно барање за зголемување на платите и враќање на укинатите бонуси. Штрајкот е предводен од Конфедерацијата на вработени во јавниот скетор (АДЕДИ) и Работничкиот центар на Атина (ЕКА). Протестот ќе предизвика сериозни нарушувања во јавниот превоз, поморските линии и јавните служби низ државата.

Главните причини за денешната мобилизација се континуираниот раст на цените на основните производи, високите трошоци за домување и енергија, како и ниската куповна моќ на вработените. АДЕДИ и ЕКА инсистираат на итно зголемување на платите во јавниот и приватниот сектор за да се компензира инфлацијата, како и на враќање на 13-та и 14-та плата во државната служба, кои беа укинати за време на должничката криза во земјата.

Работничките организации исто така бараат обновување на гранските колективни договори, запирање на приватизацијата на јавните добра и поголеми вложувања во јавното здравство и образованието.

Јавниот превоз во грчкиот главен град денеска функционира по посебен распоред, откако вработените во транспортните претпријатија најавија прекини на работата. Линиите 1, 2 и 3 на атинското метро, заедно со трамвајскиот сообраќај, работат единствено во периодот од 09:00 до 18:00 часот. Надвор од овој деветчасовен интервал, железничките станици се затворени за патници.

Автобускиот и тролејбускиот превоз во Атина се одвива со прекини во утринските и вечерните часови, сообраќајќи само од 09:00 до 21:00 часот. Дел од автобуските линии на периферијата на градот, со кои управуваат приватни превозници, остануваат во редовен сообраќај, но меѓуградската железница и приградските возови бележат значителни откажувања и доцнења.

Поморскиот сообраќај е меѓу најпогодените сектори, откако во штрајкот се вклучија повеќе синдикати на морнари, вклучувајќи ги и здруженијата на вработените во трговската морнарица и внатрешните пловидби. Најголемото грчко пристаниште Пиреја, како и пристаништата Рафина и Лаврио, бележат откажувања на утринските и пладневните поаѓања.

Според соопштенијата на бродските компании, променети се маршрутите и термините за повеќе линии кон островите во Егејското Море и Саронскиот Залив, меѓу кои се и релациите кон Хидра, Спецес, Порос, Егина и Агистри. Откажани се и повеќе пловидби кон Кикладите и Крит, а пристанишните власти ги повикаа патниците пред тргнување да ја проверат состојбата со своите билети кај локалните агенции.


Во образовниот сектор и јавната администрација ситуацијата е поинаква. Синдикатите на наставниците и професорите ги повикаа своите членови да се приклучат кон протестот, што доведе до затворање на дел од основните и средните училишта. Државните болници работат исклучиво со дежурен медицински персонал за итни случаи, додека во центарот на Атина за пладне се закажани масовни синдикални собири.

е-Трн да боцка во твојот инбокс