Белгија ја отвори најголемата фабрика за саталити во Европа

Фабриката во Шарлероа, со годишен капацитет од околу 500 сателити, ќе произведува и дел од сателитите за европската констелација ИРИС². Почетокот на производството е планиран до крајот на 2028 година.

Белгија ја отвори најголемата фабрика за сателити во Европската Унија, која треба да одговори на растечката европска побарувачка за вселенска инфраструктура. Фабриката се наоѓа во Шарлероа, на југот на земјата, а со неа управува белгиската компанија „Аероспејслаб“ (Aerospacelab). Свеченото отворање во вторник го означи белгискиот крал Филип. Во новиот производствен комплекс ќе се изработуваат, меѓу другото, и сателити за европскиот проект ИРИС² (IRIS²), со кој Европската Унија сака да создаде сопствена сателитска констелација што ќе биде конкурент на „Старлинк“ на Илон Маск.

„Пораснавме побрзо дури и од сопствените амбиции“, изјави извршниот директор на „Аероспејслаб“, Беноа Депер. Тој потсети дека компанијата од мал стартап во 2018 година прераснала во голем индустриски проект што денес има улога во „вселенскиот суверенитет“ на Европа.

Фабрика со капацитет од 500 сателити годишно

Новиот производствен комплекс во Шарлероа, град познат по евтините авионски летови и напуштените фабрики од индустриското минато на Белгија, има површина од околу 20.000 квадратни метри. Објектот со овална форма е проектиран да произведува приближно 500 сателити годишно. Во септември Депер и неговите партнери обезбедија договор вреден 2,4 милијарди евра за производство на 264 од вкупно 348 сателити планирани за европската констелација ИРИС².

Иако фабриката веќе е отворена, производството сè уште не е започнато. Вработените треба да се вселат во објектот во јануари, а почетокот на производството е планиран до крајот на 2028 година.


Европа сака поголема независност во вселената

Европа настојува да го зајакне својот вселенски сектор и да ја намали зависноста од надворешни партнери во време кога растат економските можности поврзани со вселената, но и загриженоста околу сигурноста на соработката со САД. Проектот ИРИС² треба да ѝ обезбеди на Европската Унија сопствена сателитска инфраструктура, меѓу другото и за безбедни комуникации. Развојот на производствените капацитети, како новата фабрика во Шарлероа, е дел од пошироките напори Европа да изгради поголема технолошка и стратешка самостојност во вселената.

е-Трн да боцка во твојот инбокс