Индустријата за вештачка интелигенција влегува во нова фаза од својот развој. По неколку години во кои доминираа приватните инвестициски фондови, милијардите долари вложени преку фондови за ризичен капитал и трката на технолошките компании за развој на сè пософистицирани модели, вниманието сè повеќе се пренасочува кон јавните пазари на капитал.
Излегувањето на „Антропик“ на берза, претходната иницијална јавна понуда на акции (ИПО) на „СпејсЕкс“ и најавите за можно излегување на „ОпенАИ“ на берзата го отвораат следното поглавје во финансирањето на технолошката индустрија. Но, зад огромниот интерес на инвеститорите се крие многу посериозно прашање од пазарната вредност на овие компании: колку капитал е потребен за нивните деловни модели да бидат одржливи на долг рок и кој ќе ги сноси загубите ако очекуваните приноси не се остварат? Ова веќе не е само приказна за технологијата. Станува збор за начинот на кој капиталот се прибира, распределува и вреднува на глобалните финансиски пазари.
Од приватен капитал до јавни берзи
Долг период развојот на најнапредните компании за вештачка интелигенција зависеше првенствено од приватниот капитал. Фондовите за ризичен капитал, големите технолошки инвеститори и стратешките партнерства им овозможуваа на компаниите да финансираат истражување, развој на модели и изградба на инфраструктура без непосреден притисок од кварталните финансиски резултати. Овој модел овозможи брз развој на индустријата, но истовремено создаде компании чии потреби за капитал денес се споредливи со оние на најголемите инфраструктурни проекти.
Според податоците наведени во анализата, „Антропик“ во ноември 2026 година реализирал рекордна ИПО-понуда, со која прибрал 81,3 милијарди долари, при проценета пазарна вредност од околу 1,5 билиони долари на целосно разредена основа. Побарувачката била толку голема што цената на акцијата била утврдена на 83 долари, над првично планираниот распон од 70 до 78 долари. Со тоа бил надминат и претходниот рекорд на берзанска понуда на „СпејсЕкс“.
Овој настан е повеќе од уште едно успешно излегување на технолошка компанија на берза. Тој покажува колку институционалните и приватните инвеститори се подготвени да платат за очекуваната идна позиција на компаниите во економијата на вештачката интелигенција.
Во меѓувреме, „ОпенАИ“ се подготвува за потенцијално излегување на јавниот пазар во 2027 година. Нејзините финансиски резултати веќе покажуваат колку е тешко брзиот раст на приходите да се усогласи со трошоците за развој и инфраструктура. Според податоците што Ројтерс ги објави повикувајќи се на „Волстрит џурнал“, кварталните приходи на „ОпенАИ“ во третиот квартал од 2026 година достигнале околу 10 милијарди долари, но оперативната загуба изнесувала 10,9 милијарди долари.
Растот на приходите, значи, не е автоматска гаранција за одржлив деловен модел.
Високата проценета вредност не значи и одржлива профитабилност
Кај традиционалните компании инвеститорите во голема мера се потпираат на историските финансиски резултати, стабилноста на паричните текови, пазарниот удел и способноста за остварување профит. Кај компаниите за вештачка интелигенција, односот меѓу овие показатели и пазарната вредност е многу посложен. Голем дел од нивната вредност се темели на очекувањата за иден раст, технолошката предност и можноста за комерцијализација на производи што сè уште се развиваат.
Тоа само по себе не е проблем. Финансиските пазари отсекогаш финансирале компании чија најголема вредност се гледала во нивниот иден потенцијал. Но, разликата меѓу очекуваната и остварената вредност станува особено важна кога потребните инвестиции се толку големи што компаниите со години можат да работат со негативен слободен паричен тек. Затоа е важно да се следат неколку показатели: растот на приходите, оперативните маржи, капиталните расходи (CAPEX), слободниот паричен тек и повратот на вложениот капитал (ROIC).
Токму тука се наоѓа еден од најголемите предизвици за индустријата за вештачка интелигенција. Една компанија може да бележи силен раст на бројот на корисници и приходите, а истовремено да троши сè повеќе пари за компјутерската инфраструктура потребна за обезбедување на услугите. Кај „Антропик“, на пример, приходите во третиот квартал од 2026 година изнесувале 16,96 милијарди долари, со квартален раст од 47 отсто. Истовремено, компанијата пријавила оперативна загуба од 567 милиони долари и значителни трошоци за компјутерска инфраструктура.
Овие податоци покажуваат зошто јавните инвеститори ќе мора да гледаат подалеку од растот на приходите. Клучното прашање ќе биде колкав дополнителен приход може да генерира компанијата со секој нов долар вложен во компјутерски капацитети.
Револуцијата на вештачката интелигенција бара нова финансиска инфраструктура
Можеби најважниот дел од оваа приказна воопшто не се одвива на берзите. Тој се наоѓа во центрите за податоци, енергетските капацитети, производството на полупроводници и сложените финансиски конструкции што овозможуваат нивна изградба. Според процените на Европската централна банка (ЕЦБ) во ноемврискиот извештај за финансиската стабилност, кумулативните капитални расходи на големите американски технолошки компании би можеле да достигнат околу 5,5 билиони долари до 2030 година. ЕЦБ посочува и дека слободниот паричен тек на повеќето големи американски хиперскалери во текот на 2026 година станал негативен, бидејќи вложувањата во инфраструктура за вештачка интелигенција ги надминале оперативните парични текови.
Со други зборови, дури и најголемите технолошки компании веќе не можат сите свои инвестициски планови да ги финансираат исклучиво од тековното работење. Тоа отвора простор за банките, пазарите на обврзници, фондовите за приватно кредитирање и новите форми на структурирано финансирање. Според анализата на „Морган Стенли“ од ноември 2026 година, кредитните пазари би можеле да финансираат повеќе од половина од проценетите 3,8 билиони долари потрошувачка на хиперскалерите во периодот од 2026 до 2028 година.
„Блумберг НЕФ“ проценува дека компаниите што развиваат центри за податоци од 2020 година до првата половина на 2026 година прибрале околу 1,8 билиони долари преку различни форми на финансирање. Значителен дел од капиталот доаѓа од пазарите на приватно кредитирање, а финансиските конструкции стануваат сè посложени. Тука се отвора и нова димензија на банкарското работење. Финансирањето на центрите за податоци подразбира долгорочни инвестиции, големи почетни капитални расходи, енергетски ризици, договори за закуп и сложени модели за процена на идните парични текови.
Банките повеќе не се само посредници во финансирањето на технолошките компании. Тие стануваат важни учесници во изградбата на физичката инфраструктура врз која ќе се темели идната дигитална економија.
Кој всушност го презема ризикот?
Токму ова прашање треба да биде во центарот на дебатата за големите ИПО-понуди на компаниите за вештачка интелигенција. Излегувањето на компанија на берза може да има различни мотиви. За компанијата, ИПО-продажбата претставува можност за прибирање капитал, финансирање на понатамошниот раст и пристап до поширока база инвеститори. За постојните инвеститори, тоа може да биде можност да продадат дел од сопственичките удели и да ги реализираат претходните вложувања.
Сепак, секоја ИПО-понуда не значи автоматски дека раните инвеститори се повлекуваат од компанијата. Важно е да се направи разлика меѓу новоиздадени акции, од чија продажба средствата ги добива компанијата, и продажба на веќе постојни акции, од која средствата им припаѓаат на досегашните сопственици. Оваа разлика е важна за разбирање на вистинската економска цел на трансакцијата.
Европската централна банка во својот ноемвриски извештај посебно предупредува на цикличноста на големите емисии на акции и влијанието на пасивното инвестирање. Големите компании што ќе станат дел од релевантните берзански индекси можат да привлечат дополнителна побарувачка од индексните фондови и фондовите со кои се тргува на берза (ЕТФ). Така се зголемува нивното учество во инвестициските портфолија, дури и кога поединечните инвеститори самостојно не донеле одлука да купат акции токму од таа компанија.
Тоа го отвора прашањето за квалитетот на формирањето на пазарните цени. Големата побарувачка за акции не мора нужно да значи дека нивната проценета вредност се темели на реални очекувања за идната профитабилност. Дополнителен ризик се крие во начинот на финансирање на самата инфраструктура за вештачка интелигенција. ЕЦБ предупредува на растот на обврските што не се прикажуваат секогаш како класичен долг во билансите на компаниите, како и на меѓусебната финансиска поврзаност на технолошките компании, производителите на чипови и давателите на облачни услуги. Проценетите вонбилансни обврски на големите технолошки компании надминале четири билиони долари во вториот квартал од 2026 година.
Таквите врски можат да создадат привид на поголема побарувачка и постабилни идни приходи отколку што би покажале самостојните деловни резултати на секој од учесниците. Тоа не значи дека пазарот на вештачка интелигенција нужно е во балон. Но, покажува дека растот на инвестициите и меѓусебната финансиска зависност бараат повнимателна анализа на кредитниот ризик.
Европската дилема: капитал има, но каде се компаниите?
За Европа оваа промена има особено значење. Европските компании, банки и институционални инвеститори располагаат со значителни финансиски ресурси, но европскиот пазар на капитал и натаму е фрагментиран. Недостигот од доволно длабок и интегриран пазар го отежнува финансирањето на компаниите што сакаат да ги надминат националните граници и да станат глобални технолошки играчи.
Додека американските компании имаат пристап до голем пазар на ризичен капитал, развиен пазар на обврзници и силна инвестициско-банкарска инфраструктура, европските компании често мора да бараат финансирање надвор од своите матични пазари. Тоа е особено видливо во индустријата за вештачка интелигенција, каде што потребите за капитал се многу поголеми од средствата што повеќето европски стартап-компании можат да ги обезбедат преку традиционалните извори на финансирање.
Затоа европските банки имаат можност да ја прошират својата улога во финансирањето на дигиталната инфраструктура, енергетските проекти и технолошките компании. Но, само кредитирањето на центрите за податоци нема да биде доволно за Европа да изгради конкурентна индустрија за вештачка интелигенција.
Потребни се и поразвиен пазар на ризичен капитал, поголема поврзаност меѓу националните берзи и подобри услови за излегување на европските технолошки компании на јавните пазари. Во спротивно, европскиот капитал ќе продолжи да го финансира растот на компании чија најголема пазарна вредност и економска корист се создаваат надвор од Европа.
Вредноста ќе се мери според способноста капиталот да донесе принос
Големите ИПО-понуди на компаниите за вештачка интелигенција претставуваат важен тест за глобалните финансиски пазари. Тие ќе покажат колку инвеститорите се подготвени да финансираат компании чија денешна вредност во голема мера се темели на очекувањата за нивното идно работење. Сепак, големината на прибраниот капитал нема да биде мерило за успех. На долг рок ќе биде поважно дали компаниите можат технолошката предност да ја претворат во стабилни приходи, одржливи маржи и позитивен слободен паричен тек.
За банките предизвикот ќе биде поинаков, но подеднакво сложен: како да ја финансираат инфраструктурата потребна за развој на новата економија, а притоа правилно да ги проценат кредитниот ризик, вредноста на имотот и одржливоста на договорените парични текови. Индустријата за вештачка интелигенција веројатно ќе продолжи да расте, но не секоја компанија што учествува во нејзиниот развој ќе стане долгорочно успешна. Исто така, нема секој инфраструктурен проект да го оствари очекуваниот принос на вложениот капитал.
Можеби токму затоа вистинската разлика меѓу победниците и губитниците во оваа технолошка револуција ќе стане видлива дури кога пазарниот ентузијазам ќе биде заменет со финансиски резултати. На крајот, најважното прашање нема да биде колку вредат компаниите за вештачка интелигенција на денот кога ќе излезат на берза, туку колкава вредност ќе успеат да создадат за инвеститорите во следните десет години.
