Американските регулаторни власти ѝ одобрија на компанијата „СпејсИкс“ (SpaceX) да лансира дури еден милион сателити во орбитата на Земјата. Со нив треба да се создаде систем од вселенски центри за податоци, наменети за обработка на информации потребни за развојот и функционирањето на системите за вештачка интелигенција (ВИ). Станува збор за прва дозвола од ваков вид, а проектот би можел да отвори сосема нов правец во развојот на компјутерската инфраструктура.
Компанијата во сопственост на Илон Маск планира да ја користи сончевата енергија за напојување на сателитите. Тие би ги обработувале податоците потребни за системите со вештачка интелигенција, а резултатите потоа би ги испраќале назад на Земјата. Американската Федерална комисија за комуникации (ФЦЦ) во средата соопшти дека проектот, наречен „Стармајнд“ (Starmind), ќе ја поддржи американската економија во забрзаниот развој на суперинтелигенција.
Одобрувањето доаѓа во период кога бројни локални заедници низ САД се противат на ширењето на центрите за податоци на копно.
Нов начин на обработка на податоците
Од „СпејсИкс“ сметаат дека орбиталните центри за податоци се најисплатливо и енергетски најефикасно решение за задоволување на сè поголемата побарувачка за компјутерска моќ, потребна за развојот на вештачката интелигенција. Според компанијата, таа побарувачка веќе ги надминува можностите на инфраструктурата на Земјата. Претседателот на ФЦЦ, Брендан Кар, изјави дека проектот отвора нови можности за развој на инфраструктура што треба да го зацврсти американското водство во технолошкиот сектор.
„Ова е вид американска иновативност што може да ги обедини нашите предности во вселената и напредната технологија, да го зајакне нашето економско водство и да го прошири просперитетот во нашата земја“, изјави Кар. Маск реагираше на објавата со кратка порака на социјалната мрежа Икс.
„Многу го ценам ова. Ова ќе биде голема предност за Америка и за светот“, напиша тој.
Кога треба да бидат лансирани сателитите?
Според дозволата на ФЦЦ, „СпејсИкс“ мора да започне со поставување на сателитите најдоцна до ноември 2033 година. До ноември 2035 година во орбитата треба да бидат испратени најмалку 10 проценти од планираната констелација, а до ноември 2038 година тој удел треба да достигне 50 проценти. Компанијата претходно најави дека сака уште следната година да го лансира првиот сателит од системот „Стармајнд“.
Сепак, засега не е јасно дали навистина ќе бидат лансирани сите милион сателити или „СпејсИкс“ побарал дозвола за поголем број од оној што реално планира да го користи. Како и постојната мрежа „Старлинк“ (Starlink), која обезбедува брз интернет преку повеќе од 10.000 сателити, и „Стармајнд“ ќе функционира во ниската орбита на Земјата, на височина од 500 до 2.000 километри.
Сателитите од новиот систем ќе комуницираат со сателитите на „Старлинк“, кои потоа ќе ги пренесуваат податоците до Земјата. Во соопштението на ФЦЦ се наведува дека системот од сателити напојувани со сончева енергија би можел да го приближи човештвото до цивилизација од типот II според Кардашевовата скала, која е способна да ја искористи целокупната енергија на Сонцето.
Станува збор за хипотетички степен на развој на цивилизацијата, предложен во 1960-тите години од астрономот Николај Кардашев. Цивилизација од овој тип би можела да ја искористи целата енергија што ја емитува нејзината матична ѕвезда.
Не е единствена компанија со вакви планови
Идејата за центри за податоци во вселената не е ограничена само на „СпејсИкс“. За овој концепт размислуваат и други компании, меѓу кои „Гугл“ (Google) и „Блу Ориџин“ (Blue Origin). Ваквата инфраструктура се претставува како потенцијално поеколошка алтернатива на традиционалните центри за податоци, кои за функционирање трошат огромни количества електрична енергија, но и големи количества вода за системите за ладење.
Зголемената употреба на вештачката интелигенција предизвика нагло зголемување на количината податоци што треба да се складираат и обработуваат низ светот. Поради тоа се градат нови центри за податоци, но пронаоѓањето соодветни локации станува сè поголем проблем. Овие објекти зафаќаат големи површини, трошат многу електрична енергија и вода, а жителите сè почесто се противат на нивната изградба во близина на населените места.
Центрите за податоци беа една од важните теми и за време на изборите за американскиот Конгрес на почетокот на ноември. Бројни кандидати на Демократската партија ветија построга контрола врз нивната изградба.
Вселената носи и нови ризици
Сепак, преместувањето на центрите за податоци во орбитата се соочува со сериозни технички и безбедносни предизвици. Еден експерт претходно изјави за Би-Би-Си дека лансирањето опрема во вселената и натаму е скапо, додека инфраструктурата потребна за нејзина заштита, ладење и напојување може да биде исклучително сложена. Дополнителен проблем е сè поголемото количество вселенски отпад, кое ја загрозува физичката опрема во орбитата.
Друг експерт предупреди дека зголемувањето на бројот на летала во ниската орбита на Земјата ја зголемува и можноста за судири. Таквите инциденти би можеле да ги оштетат сателитите или да предизвикаат нивни делови да паднат назад на Земјата. „Старлинк“ веќе се соочуваше со обвинувања дека придонесува за преголема густина на објекти во вселената, што Маск го негира. Тој ги отфрли и тврдењата дека неговите сателити заземаат премногу простор во орбитата и со тоа ги ограничуваат можностите на конкурентските компании.
