Главниот извршен директор на компанијата Антропик, Дарио Амодеи, ги отфрли тврдењата дека се залага за препуштање на човечката слободна волја на вештачката интелигенција. Неговата реакција на платформата Икс (X) доаѓа една недела по излегувањето на компанијата на берза и во период на засилени критики од други технолошки лидери околу границите на автономијата на ВИ системите.
Во објавата што претставува одговор на написот на порталот Аксиос за актуелната дебата во технолошката индустрија, Амодеи директно ги демантираше интерпретациите на неговите ставови.
„Не, не сметам дека би требало да ја препуштиме човечката слободна волја на системите на вештачка интелигенција и апсурдно е да се сугерира дека го мислам тоа. Никогаш не би смееле да го жртвуваме легитимитетот или самоопределувањето заради ефикасност или безбедност“, напиша Амодеи.
Без да именува конкретни лица, тој ги критикуваше директорите на други компании за вештачка интелигенција кои во јавноста повторуваат пароли дека ВИ треба да остане само алатка, а при развојот на сопствените производи не применуваат никакви поинакви практики.
Загриженоста во Силициумската Долина дека ВИ алатките можат да излезат од човечка контрола се зголеми по низата инциденти изминатото лето, меѓу кои и хакирањето на платформата Хагинг фејс изведено од автономни ВИ агенти развиени во Опен АИ. Во септември, раководителот на одделот за безбедност во Антропик, Еван Хубингер, напиша дека во компанијата искрено веруваат оти ВИ би можела да ги убие сите луѓе.
Јавната полемика се интензивираше по изјавите на клучните луѓе во конкурентските технолошки гиганти. Главниот директор за вештачка интелигенција во Мета, Александар Ванг, на социјалните мрежи објави дека општеството не смее да прифати предавање на вештачката интелигенција.
Претходно истиот месец, извршниот директор на Опен АИ, Сем Алтман, оцени дека би било ужасна понуда доколку цената за пронаоѓање лек против ракот значи луѓето во иднина да ја изгубат секоја моќ на одлучување, контрола и право на глас. Илон Маск, пак, ја сподели најновата објава на Амодеи со коментар од еден збор: „интересно“.
Во својата реакција на Икс, Амодеи не се осврна на сопствените претходни изјави што ги поттикнаа овие реакции. Во февруари тој за Њујорк тајмс изјави дека во случаи клучни за животот и безбедноста, одлучувањето навистина треба да ѝ се препушти на вештачката интелигенција, додека кон крајот на 2024 година предвиде дека ВИ системите ќе бидат лидери и ќе им наредуваат на луѓето или на други ВИ системи.
Покрај одбраната на личните ставови, Амодеи призна дека се можни ограничувања за рекурзивното самоусовршување (RSI) – процес во кој моделите на вештачка интелигенција автономно создаваат свои нови, понапредни верзии. Тој истакна дека во компанијата не очекуваат да биде безбедно нивниот модел Клод целосно самостојно да гради нови генерации модели, но не прецизираше каде точно треба да се постави границата.
Податоците од официјалната документација за излегувањето на Антропик на берза покажуваат висок степен на автоматизација во внатрешниот развој на компанијата. Во документите се наведува дека секоја нова верзија на Клод директно го забрзува развојот на следната, како и дека во текот на септември овој модел напишал повеќе од 90 проценти од програмскиот код во базата на Антропик.
