Иранските власти отвораат нов фронт во геополитичката и економската конфронтација со Западот, насочувајќи се кон една од најмалку видливите, но најважни инфраструктури на современиот свет — подморските интернет кабли.
Според извештаи на американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен (CNN), Техеран разгледува модел според кој големите технолошки компании како Google, Microsoft, Meta и Amazon би плаќале „такси“ за користење на каблите што минуваат низ Хормушкиот теснец и Персискиот Залив.
Иранскиот воен портпарол Ебрахим Золфагари најави дека земјата би можела да воведе „царини за интернет-кабли“, додека медиуми блиски до Иранската револуционерна гарда индиректно предупредуваат дека инфраструктурата може да биде ограничена или прекината доколку компаниите не се усогласат со иранските правила.
Нов вид геополитички притисок
Додека Ормускиот теснец традиционално се гледа како клучна нафтена рута, новиот фокус покажува дека регионот има и дигитална стратешка улога. Подморските кабли носат огромен дел од глобалниот интернет и финансискиот сообраќај од банкарски трансакции и берзи, до облачни сервиси, вештачка интелигенција и далечинска работа.
Потенцијален прекин би можел да има последици не само за Блискиот Исток, туку и за Европа, Индија и Источна Африка.
Кои се најизложени?
Според експерти од истражувачки центри во Обединетите Арапски Емирати, дел од каблите како Falcon и Gulf Bridge International минуваат низ ирански територијални води, што создава потенцијална ранливост.
Персискиот Залив: ризик од прекин на интернет и банкарски системи. Индија: потенцијални загуби во ИТ и аутсорсинг индустријата и глобалните финансиски пазари со можни доцнења во трансакции и тргување
„Дигитална ескалација“ наместо класичен конфликт
Иако експертите предупредуваат дека заканите делумно имаат политичка и преговарачка природа, самата реторика ја зголемува неизвесноста околу глобалната дигитална безбедност. Според аналитичарката Дина Есфандијари од Bloomberg Economics, целта на Иран е да создаде доволно висока економска цена за потенцијален конфликт, со што би се одвратиле воени или политички притисоци врз земјата.
Иран се повикува на Конвенцијата на ОН за правото на море (UNCLOS), но не е нејзин формален потписник. Експертите предупредуваат дека правниот основ за наплата на транзит на подморски кабли е спорен, особено во природни морски премини како Хормушкиот теснец.
Според меѓународната професорка по право Ирена Папаниколопулу од Универзитетот SOAS во Лондон, државите имаат ограничено право да поставуваат услови за нови кабли во своите територијални води, но не можат произволно да ги менуваат веќе постоечките договори.
Иранската стратегија покажува јасен тренд: идните геополитички конфликти сè помалку ќе се водат само за нафта и територија, а сè повеќе за дигитална инфраструктура. Подморските кабли невидливи за поголемиот дел од јавноста стануваат нова стратешка артерија на светската економија, а нивната ранливост може да има последици еднакво сериозни како блокада на нафтен теснец.