По убиството кај Сарај, Обвинителството бара 48-часовен притвор за осомничениот 19-годишник

Според МВР, случајот го пријавил таткото на осомничениот, по што полицијата ги пронашла телото на жртвата и оружјето.

Основното јавно обвинителство Скопје побара 48-часовен краткотраен притвор за 19-годишникот од скопското село Бојане, осомничен за убиството на 18-годишно момче од истото село. Според обвинителството, постои основано сомнение дека тој го извршил кривичното дело „убиство“ по член 123 став 1 од Кривичниот законик.

Случајот, според МВР, бил пријавен на 17 мај во 00:50 часот, кога таткото на осомничениот се јавил на бројот 192 и пријавил дека неговиот син му признал дека на 15 мај, во шума во близина на Сарај, со огнено оружје го убил 18-годишниот Б.Д. од Бојане. По пријавата, полициски службеници го привеле осомничениот, а биле пронајдени и телото на жртвата и оружјето за кое се сомнева дека било употребено при убиството.

Од Обвинителството информираат дека се издадени наредба за обдукција на телото, наредби за вештачење на трагите, како и за вештачења и споредбени анализи на оружјето. Доказите сè уште се прибираат, а обвинителот побарал краткотраен притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, прикривање траги и ризик од повторување на делото.

По обезбедување на доказите и формално отворање на истрагата, против осомничениот ќе продолжи постапката за убиството. Засега институциите не објавуваат дополнителни детали за мотивот или околностите што довеле до трагедијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс