Крушево го шири небото за параглајдери: До август добива уште две нови полетувалишта

Со инвестиција од 830.000 евра финансирана од ЕУ, Крушево до август ќе добие две нови полетувалишта за параглајдинг на Црн Врв, токму пред европското и светското јуниорско првенство.


Крушево продолжува да се позиционира како еден од најважните центри за параглајдинг на Балканот. По обновата на полетувалиштето на Мечкин Камен, градот до август ќе добие уште две нови стартни позиции за параглајдинг на локацијата Црн Врв, со што значително ќе се зголеми капацитетот за летачки спортови.

Проектот е дел од прекуграничната соработка со Елбасан и е вреден 830.000 евра, средства обезбедени од Европската Унија. Новите полетувалишта ќе зафаќаат околу 2.000 квадратни метри и треба да бидат подготвени пред почетокот на европското и светското јуниорско првенство во параглајдинг, кои летово ќе се одржат во Крушево.

Од Општина Крушево велат дека новите стартни позиции треба да го решат долгогодишниот проблем со недостиг на простор за полетување за време на големи меѓународни натпревари, кога дел од натпреварувачите морале да чекаат ред за старт. Освен во параглајдингот, проектот предвидува вложувања и во спортско-рекреативната инфраструктура. На Гумење ќе се уредува нов рекреативен парк како дел од пошироката туристичка понуда на градот.

Градоначалникот Нико Чонески очекува успешна летна сезона и нагласува дека параглајдингот останува еден од клучните двигатели на туристичкиот развој во Крушево, кое веќе со години привлекува домашни и странски пилоти и љубители на адреналински спортови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс