„Дамата со камелии“ вечерва на сцената на Националната опера и балет

Љубовта, страста и жртвата на Маргарита и Арман ќе бидат раскажани преку балетот, кореографијата на Василиј Медведев и музиката на Џузепе Верди

Балетската претстава „Дамата со камелии“ вечерва од 20 часот ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет. Емотивната приказна за љубовта, страста и жртвата оживува преку танцот, кореографијата и музиката на Џузепе Верди.

Инспирирана од познатата приказна за Маргарита и Арман, претставата ја пренесува на балетската сцена судбината на двајцата вљубени. Музиката на Верди, со својата мелодиска убавина и силен емоционален набој, ја продлабочува приказната за љубовта, личните жртви и општествените ограничувања, соопшти Националната опера и балет.

Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореографијата е на Василиј Медведев, руски кореограф кој соработувал со водечки балетски театри, меѓу кои Бољшој во Москва и Марински во Санкт Петербург. Сценографијата и костимографијата се дело на Павол Јураш од Словачка, додека концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Во главните улоги на Маргарита и Арман ќе настапат Марија Кичевска-Шокаровска и шпанскиот балетски уметник Франциско Хименес Руиз. На сцената ќе им се придружат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.


Со раскошна сценографија, впечатливи костими, музиката на Верди и кореографијата на Медведев, „Дамата со камелии“ ја оживува безвременската љубовна приказна преку елеганцијата на балетот и силата на сценските емоции, наведуваат од Националната опера и балет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс