Дали социјалните мрежи се „дизајнирани за зависност“ – и како да се победи алгоритмот?

Социјалните мрежи сè почесто се опишуваат како системи дизајнирани за зависност преку бесконечно скролување и алгоритми за награда. ЕУ најавува нови регулативи, додека експертите предупредуваат за ризиците по менталното здравје и предлагаат алтернативи без алгоритамска манипулација.

Социјалните мрежи со бесконечно скролување, персонализирани фидови и постојани нотификации сè почесто се опишуваат како системи што не само што привлекуваат внимание, туку и го задржуваат со цел да создадат навика па дури и компулсивно користење.

Европската унија најавува нов закон Digital Fairness Act кој ќе се фокусира токму на „зависнички и штетни дизајнерски практики“, особено кај младите корисници.

„Недостиг на сон, депресија, анксиозност, самоповредување, зависничко однесување, сајбер-булинг, експлоатација, самоубиство. Ризиците растат брзо“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа додаде дека овие ризици не се случајни: „Тие се резултат на бизнис модели кои го третираат вниманието на децата како стока.“

Дали платформите навистина се дизајнирани да создаваат зависност?

Експертите велат дека многу од функциите на социјалните мрежи функционираат слично како „механизми за награда“ во коцкарски машини.

Според Наташа Шул од Универзитетот во Њујорк, социјалните мрежи даваат непредвидливи награди – лајкови, коментари и реакции – што го стимулира мозокот да бара повторување на истото чувство.

„Добивањето лајк се чувствува добро. Потоа сакаш повторно да го доживееш тоа чувство, па објавуваш повторно и се создава навика“, вели професорот Кристијан Монтаг. Тој додава дека кратките видеа и автоматското пуштање на следна содржина, како кај TikTok, дополнително го засилуваат ефектот:

„Човечкиот мозок реагира силно на новитет. Секои 10–15 секунди се случува нешто ново – и постојано си во очекување на следното.“

„Автопилот режим“ и менталното здравје

Европската комисија предупредува дека корисниците лесно влегуваат во т.н. „автопилот режим“ – пасивно скролање без свесна контрола.

Ова е поврзано со: послабо ментално здравје, анксиозност и осаменост, „FOMO“ (страв од пропуштање) и социјална споредба и изолација. ТikTok ги отфрла овие тврдења и вели дека има алатки за контрола на времето на користење.

Експертите предупредуваат дека суштината на проблемот не е само во дизајнот, туку во економскиот модел.

„Платформите мерат успех преку времето поминато на апликацијата, бидејќи тоа носи повеќе реклами и профит“, велат истражувачите.

Како потенцијално решение се предлага: премин кон претплатнички модели, јавни дигитални платформи без реклами и законски ограничувања на дизајнерските механизми.

Алтернативи: децентрализиран интернет

Како алтернатива на големите платформи се спомнува „Fediverse“, мрежа на независни социјални сервиси без реклами и следење на корисници. Тука спаѓаат: Mastodon (алтернатива на X), Pixelfed (алтернатива на Instagram), PeerTube (алтернатива на YouTube)

Сепак, експертите предупредуваат дека овие системи тешко можат да конкурираат на „удобноста“ и моќта на големите технолошки компании.

Иако се даваат совети како: бришење апликации, исклучување нотификации ,ограничување на скрол ,користење десктоп наместо телефон. Експертите се согласуваат во едно: Одговорноста не треба да биде само на корисникот, туку на платформите и регулаторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс