Има ли вакцина за хантавирус? Научници брзаат да развијат заштита по новиот смртоносен сој на вирусот

По појава на хантавирус на крузер, научници во Велика Британија и Европа забрзуваат развој на мРНК вакцина. Засега нема одобрена вакцина, но првичните резултати се ветувачки.

По неодамнешната епидемија на хантавирус на крузер, која предизвика смртни случаи и загриженост во Европа, научната заедница повторно го отвори прашањето: дали постои вакцина против овој вирус? Одговорот засега е јасен не постои одобрена вакцина ниту специфичен лек за хантавирус, но истражувањата за негова заштита се во тек и добиваат забрзано темпо.

Истражувачи од Универзитетот во Бат во Велика Британија веќе работат на нова мРНК вакцина, првично насочена кон сојот Хантаан, пред да се појави најновата епидемија поврзана со сојот Андес. Научниците нагласуваат дека станува збор за нова технологија со ветувачки резултати во лабораториски услови.

„Станува збор за целосно нов антиген кој покажува добра имуногеност против болеста предизвикана од Хантаан вирусот и се надеваме дека ќе може да се искористи за идна вакцина“, изјави Асел Сартбаева од Универзитетот во Бат.

Сепак, експертите предупредуваат дека сè уште не е познато дали истата вакцина ќе биде ефикасна против сојот Андес, кој е поврзан со тековната епидемија.

„Сè уште не знаеме дали развиениот антиген ќе делува против Андес сојот. Тоа ќе го знаеме дури по дополнителни тестирања“, додава Сартбаева.

Британската влада уште во 2024 година ја поддржала оваа истражувачка група со цел развој на првата термостабилна мРНК вакцина против хантаан вирусот – технологија што би овозможила полесно складирање и транспорт, без потреба од екстремно ниски температури.

Новата технологија, позната како „ensilication“, овозможува вакцините да се чуваат на повисоки температури, па дури и во фрижидер, што би било значаен чекор напред во дистрибуцијата на вакцини. Иако вакцината сè уште е во експериментална фаза, научниците велат дека целта е во иднина да се постигне стабилност и на собна температура.

Светската здравствена организација (СЗО) засега не гледа знаци за широка епидемија надвор од крузерот, каде што биле регистрирани 11 случаи, од кои 9 потврдени и 3 смртни исходи. Експертите нагласуваат дека хантавирусот останува редок и најчесто се поврзува со ограничени епидемии, без лесно пренесување како кај респираторните вируси.

„Не постои причина за паника. Ова не е COVID-19 и не се пренесува лесно меѓу луѓето“, велат истражувачите, посочувајќи дека изолацијата на патниците дополнително го ограничила ширењето. Иако развојот на вакцина е сè уште во рана фаза, научната заедница гледа на ова како на потенцијален пресврт во борбата против ретки, но опасни вируси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс