Европската унија ги интензивираше напорите за зајакнување на прекуграничната здравствена координација по појава на хантавирус на крузерот „MV Hondius“, на кој биле заразени повеќе европски патници. Иако во јавноста се појави загриженост поради паралелите со пандемијата на COVID-19, здравствените експерти јасно нагласуваат дека хантавирусот не се пренесува на ист начин и дека не станува збор за почеток на нова пандемија.
Во Брисел, амбасадорите на земјите членки на ЕУ одржуваат состаноци на кои се дискутираат заеднички протоколи за реакција, како и подобро споделување на информации меѓу државите од Шенген-зоната.
Сите патници кои биле на крузерот веќе се вратени во своите матични земји, каде што се подложени на национални здравствени процедури и следење. Светската здравствена организација (СЗО) препорачува строга контрола или карантин во траење до 42 дена, почнувајќи од 10 мај. Сепак, генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус нагласи дека секоја држава има право самостојно да ги адаптира мерките според своите услови.
Практиката во Европа веќе варира: шпанските патници се сместени во воена болница во Мадрид, додека дел од патниците од Холандија и Белгија се во домашна изолација. Од Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) велат дека клучно е да се најде баланс меѓу безбедноста и човечкиот фактор, имајќи предвид дека патниците биле долго време изолирани на брод.
„Тие не биле дома, не ги виделе своите блиски долго време и тоа мора да се земе предвид, но безбедноста останува приоритет“, изјави Гианфранко Спитери од ECDC.
Според него, државите имаат слобода да одлучат каде и како ќе се спроведува изолацијата, зависно од условите и пристапот до медицинска грижа. Засега, два случаи во Франција и Шпанија развиле симптоми и се хоспитализирани.
Европската комисија активираше механизми за цивилна заштита, со што неколку земји (Франција, Холандија, Грција и Ирска) учествуваат во координирани евакуации и логистичка поддршка. И покрај сериозноста на ситуацијата, експертите повторуваат дека хантавирусот не се шири како коронавирус.
„Ова не е COVID-19. Станува збор за сосема различен вирус и различен начин на пренос“, изјави професорот Лук О’Нил, додавајќи дека јавноста не треба да паничи.
И Светската здравствена организација потврди дека нема индикации за нова пандемија, ниту за нова мутација на вирусот, туку за веќе познат вид поврзан со конкретниот епидемиолошки настан на бродот.
Европските здравствени служби сега се фокусирани на истражување на изворот на заразата и можниот синџир на пренос, при што првичните хипотези укажуваат дека нултиот случај најверојатно бил заразен за време на патување во Јужна Америка.