Животното кое вчера беше заловено во скопската населба Козле е вистински волк, а не куче или мешанец, соопштија од ЗОО Скопје во објава на социјалните мрежи.
Од ЗОО Скопје информираат дека по детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти е потврдено дека станува збор за волк. Претходно во јавноста се појавија различни шпекулации дека животното можеби е куче или чехословачки волчјак.
Во текот на денот, во ЗОО Скопје дошле и сопствениците на кучето Сириус, од расата чехословачки волчјак, по кое трагале веќе два месеци. Тие на лице место се увериле дека заловеното животно не е нивното куче, туку вистински волк, што и самите го потврдиле.
Од Зоолошката градина наведуваат дека животното не е чипирано, тежи околу 25 килограми, а стручните служби земале крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања. Волкот е млад, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст.
Во ЗОО Скопје денеска излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои исто така потврдиле дека станува збор за волк, односно Canis lupus.
Дополнително, како што информираат од ЗОО Скопје, контактирани се експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие меѓународна потврда и стручно мислење.
Од ЗОО Скопје апелираат до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформации, туку да се работи на едукација дека дивите животни не се чуваат како домашни миленици на ланец.
„Скопје ЗОО ќе продолжи внимателно да ги следи здравствената состојба и однесувањето на животното и ќе ја информира јавноста за сите понатамошни информации“, напишаа од ЗОО Скопје.