Германските вооружени сили за првпат ја класифицираа опасноста од руски саботажи врз своите припадници и објекти како „значителна“. Министерството за одбрана ја потврди процената на 21 октомври и соопшти дека се разгледува проширување на заштитните мерки на воените локации.
Повод за преоценувањето е откривањето паднат дрон во близина на базата Вунсторф во Долна Саксонија. Леталото било пронајдено во средината на септември, а на неколку метри од него била откриена конзерва со силен експлозив.
Според истражувањето на ВДР и „Зидојче цајтунг“, истражителите се сомневаат дека можната цел биле авиони на Бундесверот. Техничките анализи, на кои се повикуваат двата медиума, укажуваат дека дронот можеби лежел на местото околу две години.
Воена процена за директна закана
Во интерната безбедносна анализа, до која дошле германските новинари, Бундесверот оценува дека Русија располага со способности и веројатно со зголемена намера да дејствува против германски воени сили и објекти.
Документот ја опишува употребата на дронови како оружје со потенцијално смртоносно дејство како преминување „црвена линија“. Според воената процена, откритието кај Вунсторф укажува на можна директна закана за Бундесверот.
Како веројатна стратегиска цел на ваквите активности, во анализата се наведува слабеење на германската поддршка за Украина, вклучувајќи ја испораката на опрема и обуката на украински војници. idowa.de
Дополнителна заштита на воените објекти
Заштитните мерки ќе се приспособуваат на секоја локација. Според Министерството за одбрана, тие може да опфатат почести патроли, инфрацрвени камери и дополнителни системи за надзор на оградите.
Москва ги отфрла обвинувањата за вмешаност во саботажи и хибридни напади во Европа.
