Во Скопје се одржа Втората научна конференција „National Security Cultures – A View from the Balkans“, организирана од Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје, која обедини универзитетски професори и експерти од Северна Македонија, Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина. Настанот отвори широка дебата за безбедносната култура како концепт кој ги поврзува политичките, институционалните и општествените фактори во креирањето на современи безбедносни политики во услови на зголемена геополитичка нестабилност.
Во првиот панел „Security Culture as a Framework of National and Supranational Security Policies and Practices“, учесниците дискутираа за тоа како безбедносната култура се развива како динамичен и променлив концепт кој не може да се разгледува изолирано од глобалните процеси. Проф. д-р Синиша Таталовиќ истакна дека во услови на зголемена меѓузависност меѓу државите и растечки тензии, безбедносната култура станува клучна за стабилноста на општествата, нагласувајќи ја улогата на образованието и научните институции во градењето критичко мислење и култура на дијалог. Тој предупреди дека без критичка мисла, безбедносните политики лесно се сведуваат на реактивни мерки наместо долгорочни решенија и истакна дека ниту една држава не може самостојно да се справи со современите безбедносни предизвици без регионална соработка и доверба.

Проф. д-р Ненад Марковиќ ја прошири дебатата кон општествените фактори, посочувајќи дека безбедноста мора да се анализира надвор од традиционалните „тврди“ пристапи. Тој нагласи дека концептот на безбедносна култура открива длабоки дисфункции во институциите и општествата, каде стравот и перцепцијата на ризик директно ја обликуваат реалноста. Марковиќ предупреди и на улогата на социјалниот конзервативизам и политичката употреба на антимигрантски и антималцински наративи, како и на влијанието на дезинформациите и генерацискиот јаз во дигиталното општество, каде вниманието станува краткотраен ресурс.
Проф. д-р Ана Чупеска оцени дека безбедноста во дигиталната ера одамна не е само техничко прашање, туку суштински елемент на демократската практика и општествената отпорност. Таа истакна потреба од нови аналитички пристапи кои ја надминуваат класичната логика на воена и економска доминација, нагласувајќи дека е неопходна поширока, разбирлива и општествено вкоренета безбедносна култура која ги интегрира политичката и културната димензија.

Проф. д-р Вања Роквиќ се осврна на глобалните трендови во вооружувањето, посочувајќи дека државите сè повеќе инвестираат во воени капацитети отколку во човекова безбедност. Таа предупреди дека растот на трговијата со оружје отвора прашања дали безбедносните политики се водат од реални потреби или од економски интереси, истакнувајќи дека современиот концепт на безбедност мора да ги опфати и здравството, образованието, економската стабилност и одржливиот развој.
На вториот панел „Security Culture and Democratic Resilience“, експертите се фокусираа на отпорноста на демократските системи. Проф. д-р Александар Спасов истакна дека безбедносната култура денес мора да се разбира како поширок концепт кој вклучува општествена отпорност и способност за справување со современи предизвици, вклучително и влијанието на авторитарни режими и нови технологии. Тој посочи дека во Северна Македонија клучни процеси како Преспанскиот договор, спорот со Бугарија и европските интеграции биле предмет на политички и идеолошки притисоци, како и обиди за дестабилизација преку радикализација, дезинформации и манипулација со јавноста.
Конференцијата заврши со заклучок дека безбедносната култура мора да се развива како долгорочен, интегративен процес кој бара координација меѓу државите, академската заедница и институциите, особено во услови на зголемени глобални ризици и политички тензии на Балканот.