Во рамките на кампањата „Читањето е супермоќ“, издавачката куќа Арс Ламина распиша конкурс за избор на суперчитатели од основните училишта во Македонија.
Од 14 до 22 мај 2026 година, училиштата ќе можат да номинираат по тројца ученици кои во текот на учебната 2025/2026 година се истакнале со љубов кон читањето, редовно користење на училишната библиотека и континуирани читачки навики.
Организаторите објаснуваат дека станува збор за ученици кои покажуваат особен интерес за литературата, изнајмуваат најмногу книги и активно учествуваат во активности поврзани со читањето.
Номинациите треба да бидат испратени на електронската адреса libi@arslamina.com, а потребно е да содржат податоци за ученикот, менторот, одделението и училиштето, како и контакт информации од наставник или родител.
Покрај учениците, ќе бидат наградени и менторите, а организаторите ќе изберат и „супербиблиотека“ меѓу училиштата што активно ја поттикнуваат читачката култура.
Победниците ќе бидат прогласени на литературно-музичкиот настан „Читањето е супермоќ“, што ќе се одржи на 28 мај во книжарницата Литература.мк, со почеток во 11 часот. На настанот ќе настапат и ученици од повеќе училишта.
Кампањата „Читањето е супермоќ“ веќе осум години има цел да ги поттикнува читачките навики кај децата, да го афирмира мајчиниот јазик и да понуди квалитетна алтернатива на прекумерното користење технологија.
Од „Арс Ламина“ велат дека преку оваа иницијатива сакаат да ја зајакнат улогата на книгата во образованието и секојдневниот живот на младите, како и да ги поддржат училиштата и библиотеките во создавање нови генерации читатели.