Бројот на крави кои неконтролирано се движат низ Крива Паланка и околината за пет години се зголемил за најмалку 75 отсто, од околу 570 грла во 2021 година на повеќе од 1.000 во 2026 година. И покрај решенијата за одземање на добитокот донесени уште во 2024 година, досега се заловени само 96 животни, вели градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во одговор на прашањата на Трн.
Според него, станува збор за проценета бројка, бидејќи институциите во моментов немаат нова, официјално потврдена евиденција за бројот на животните што слободно се движат низ градот и околината.
„Според проценките со кои располагаме, на територијата на Крива Паланка и околината неконтролирано се движат над 1.000 грла крупен добиток. За споредба, во 2021 година, според тогашната институционална комуникација, станувало збор за околу 570 грла“, вели Митовски за Трн.
Тоа значи дека за пет години бројот на животните се зголемил за најмалку 430 грла, односно за повеќе од 75 отсто, доколку се споредат проценките од двата периода. Точната бројка, како и сопственоста на сите животни, засега остануваат неутврдени.
За две и пол години заловени само 96 грла
Митовски посочува дека во 2024 година биле донесени решенија за одземање на добитокот, но нивното спроведување се одвива исклучително бавно.
„Според најновите информации од Агенцијата за храна и ветеринарство, досега се заловени само 96 грла. Замислете, две и пол години по донесувањето на решенијата, државата успеала да залови помалку од една десеттина од проценетиот број животни“, вели градоначалникот.
Според него, проблемот не е во недостатокот на закони или институционални решенија, туку во нивното неспроведување.
„Граѓаните не можат бесконечно да чекаат“, додава Митовски.
Кривични пријави за постапувањето на институциите
Поради долгогодишното нерешавање на проблемот, Општина Крива Паланка поднела кривични пријави со кои бара да се испита постапувањето на службени лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот.
Митовски објаснува дека локалната самоуправа секојдневно интервенира на терен, ги санира последиците и постапува по пријавите на граѓаните, но нема законски овластувања самостојно да го спроведе одземањето на добитокот.
За тоа се надлежни државните институции, кои треба да обезбедат законска постапка, транспорт и соодветно згрижување на животните.
„Подготвени сме да помогнеме со сите расположливи општински ресурси. Но, не можеме да преземеме туѓи законски надлежности, ниту да дозволиме одговорноста постојано да се префрла врз Општината“, вели Митовски.
Од локален проблем до приказна во светските медиуми
Проблемот со кравите кои слободно се движат низ Крива Паланка во меѓувреме го привлече и вниманието на меѓународните медиуми. Наместо по туристичките потенцијали, природните убавини и културното наследство, градот стана препознатлив по животните кои со години се движат без контрола.
На прашањето на Трн по што би сакал Крива Паланка да биде позната во светот, градоначалникот вели дека градот има многу повеќе да понуди.
„Пред сè, по нашите луѓе, по природата, културата и гостопримството. По Осоговските Планини, по манастирот ‘Свети Јоаким Осоговски’, по нашата традиција и по сите оние вредности што го прават овој крај посебен“, одговара Митовски.
Тој посочува дека сака Крива Паланка да биде препознаена како уреден град кој се развива, привлекува туристи и инвестиции и нуди перспектива за младите.
„Ние имаме многу повеќе да му понудиме на светот од оваа несреќна приказна со кравите. И верувајте, многу повеќе би сакал со вас денеска да разговарам за нови работни места, за туризам, за развојни проекти и за иднината на Крива Паланка“, вели градоначалникот.
Жителите на Крива Паланка ќе протестираат
Жителите на Крива Паланка во сабота излегуваат на протест поради нерешавање на проблемот со кравите кои неконтролирано се шетаат низ градот. Во повикот за протест се наведува дека ќе се блокира магистралниот пат, со почеток во 11 часот.
-Кривопаланчани, да се собереме во што поголем број и гласно да побараме трајно решение за добитокот што слободно се движи низ нашиот град, се наведува во повикот.

