Крива Паланка бара одговорност за стадата, АХВ досега заловила 96 говеда

Градоначалникот Сашко Митовски најави кривични пријави против службени лица поради неспроведени решенија за одземање на добитокот. Агенцијата за храна и ветеринарство тврди дека акцијата продолжува, но се соочува со непристапен терен и опструкции.

Проблемот со говедата што со години неконтролирано се движат низ Крива Паланка добива ново продолжение со кривични пријави против надлежни службени лица. Градоначалникот Сашко Митовски во средата, на 18 ноември, соопшти дека заедно со сограѓаните бара да се испита одговорноста за неспроведените решенија за одземање на добитокот. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пак, објави дека досега заловила вкупно 96 говеда и дека нејзините екипи се соочуваат со пречки на терен.

Во одговор за „Фокус“, АХВ ги наведува непристапниот терен и опструкциите од поранешните сопственици како главни предизвици при заловувањето. Од Агенцијата тврдат дека продолжуваат со активностите и дека бараат одржливо решение преку координација со сите надлежни институции, вклучително и локалната самоуправа, со почитување на здравјето на луѓето и благосостојбата на животните. Бројката од 96 говеда е наведена како досегашен вкупен биланс, без прецизирање колку од нив се заловени во последните денови.

За жителите, меѓутоа, проблемот останува: стадата и понатаму влегуваат во нивите и се движат по патиштата. Митовски во средата посочи дека добиток деновиве бил забележан и во дворот на средното училиште. Тој ги повика граѓаните од градот и селата мирно и достоинствено да застанат покрај семејствата што трпат штети и заедно да побараат спроведување на решенијата и ставање на стадата под контрола.

Кривичните пријави, според обраќањето на градоначалникот, се однесуваат на сомневања за злоупотреба на службената положба, неспроведување правосилни и извршни решенија и загрозување на безбедноста и здравјето на граѓаните. Се бара да се испита постапувањето на службени лица во АХВ и во Агенцијата за управување со одземен имот. Поднесени се и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата и барање за вонреден надзор до Државниот управен инспекторат.

Овој чекор беше најавен уште на почетокот на месецот. Општинскиот кризен штаб на состанокот од 2 ноември побара од АХВ во рок од една недела да достави оперативен план за извршување на решенијата од 2024 година и да преземе конкретни активности на терен. Во општинското соопштение беше нагласено дека спроведувањето на постојните решенија не треба да ја чека одлуката на Владата за евентуално прогласување кризна состојба.

Барањето за 30-дневна кризна состојба Митовски го повтори на 9 ноември. Според процените изнесени на кризниот штаб, низ територијата на општината се движат повеќе од 1.000 грла добиток, вклучително и во централното градско подрачје. Општината бара дополнителни стручни екипи, специјализирани возила, финансиски средства и простор за сместување на животните. Планот треба да опфати заловување, безбеден транспорт, згрижување и мерки што ќе спречат повторување на проблемот.

На 16 ноември градоначалникот побара од Владата и АХВ да обезбедат законски механизам со кој Општината ќе може да ја координира акцијата, во соработка со институциите и под ветеринарен надзор. Порача дека е подготвен да преземе поголема одговорност штом се создадат услови за такво постапување. Притоа повторно укажа дека решенијата за одземање на добитокот постојат повеќе од две години, но сè уште не се целосно спроведени.

АХВ има поинаков став за улогата на локалната власт. Во соопштение од 27 февруари годинава, Агенцијата се повика на Законот за јавна чистота и посочи дека Општината е надлежна за контролата на чувањето и напасувањето крупен добиток на јавни површини. Тогаш ја повика локалната самоуправа да соработува во собирањето на животните, обвинувајќи ја дека се иззема од одговорноста.

Така, спорот за надлежностите се повторува со месеци, додека целосното спроведување на решенијата останува незавршено. Барањето за дополнителни ресурси го отвора прашањето како Владата ќе обезбеди заедничка операција на институциите што располагаат со различни овластувања. За АХВ и Општината, повиците за соработка треба да се преточат во конкретен распоред на активности, определени одговорни лица и обезбедени услови за згрижување на животните.

Во меѓувреме, Општината побара помош и од странските амбасади. Во писмото испратено на 17 ноември се бара дипломатските претставништва, преку дијалог со државните власти, да помогнат проблемот да добие внимание на највисоко институционално ниво. Од локалната самоуправа наведуваат дека од јануари 2022 година доставувале пријави и иницијативи до надлежните институции, заедно со докази за причинета штета и повредени граѓани.


За жителите што претрпеле штети, Општината најави и единствен регистар на штети, како подготовка за заедничка тужба за надомест, доколку се исполнат законските услови. Граѓаните треба да приложат докази и наод од независно вешто лице за висината на штетата. Според општинското соопштение, трошоците за судските постапки организирани во рамките на оваа иницијатива ќе ги покрие локалната самоуправа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс