Парискиот аеродром „Шарл де Гол“ се подготвува за голем инвестициски циклус: во следните осум години се планираат вложувања од 8,2 милијарди евра во модернизација и зголемување на капацитетите. Предлогот доби позитивно мислење од француското регулаторно тело за транспорт (ART), но со пет забелешки што мора да бидат разгледани пред договорот да биде потпишан.
Инвестициите се дел од планот за економска регулација на аеродромот за периодот од 2027 до 2034 година. Меѓу најавените зафати се изградба на нови излези за качување патници и модернизација на постојната инфраструктура. За договорот сè уште се преговара со француската држава, објави операторот „Груп АДП“ (Groupe ADP), а пренесе „Ле Фигаро“.
Иако оценката на регулаторот е позитивна, компанијата засега не ги објави деталите за петте забелешки. Од „Груп АДП“ соопштија дека тие не ја нарушуваат економската рамнотежа на предложениот договор, но претставуваат предуслов за негово потпишување. Разговорите со државата треба да започнат веднаш.
Откако ќе бидат усогласени забелешките, договорот треба да добие одобрение од Одборот на директори на „Груп АДП“, а потоа и потпис од француската држава. Очекувањата се постапката да заврши до средината на декември 2026 година, за договорот да стапи во сила на 1 јануари 2027 година.
Според извршниот директор на компанијата, Филип Паскал, договорот ќе ја постави основата за следната фаза од стратешкиот и финансискиот развој на операторот до 2030 година. Планот треба да биде претставен на почетокот на 2027 година.
Но, проширувањето не поминува без критики. Неколку еколошки организации предупредуваат дека зголемувањето на аеродромските капацитети не е во согласност со климатските цели на Франција. Сегашниот проект е помалку амбициозен од претходниот план за изградба на четврти терминал, познат како „Терминал 4“, кој беше напуштен во февруари 2021 година.
Инвестициите доаѓаат и во период кога авиоиндустријата се соочува со неизвесност околу цената на одржливото авионско гориво, за кое се очекува да остане скапо во подолг временски период. Тоа е дополнителен предизвик за секторот што истовремено се обидува да ги зголеми капацитетите и да го намали влијанието врз животната средина.
Во првите девет месеци од 2026 година, приходите на „Груп АДП“ пораснале за 1,4 отсто во споредба со истиот период лани и достигнале 5,106 милијарди евра. Приходите се остварени преку работењето на аеродромите во Париз, како и на останатите аеродроми со кои управува компанијата.
