Хакери презеле контрола врз фрижидери во супермаркети: Може ли следна мета да биде и вашиот паметен уред?

Сајбернапади ги загреваа разладните уреди во стотици европски продавници, уништувајќи големи количества храна и предизвикувајќи штета од десетици милиони евра. Експертите предупредуваат дека сè поголем број уреди поврзани на интернет, од индустриска опрема до домашни фрижидери и телевизори, можат да станат мета на хакери.

Што им е заедничко на фрижидерите во супермаркетите, водоводните системи и електраните? Сите имаат системи што можат да станат мета на хакерски напади. Неодамна сајбернапаѓачи успеале да ја зголемат температурата во разладните уреди на трговски синџири низ Европа и да предизвикаат штета од милиони евра.

Во средината на октомври, во околу 700 продавници во Франција температурата во разладните уреди била зголемена на приближно 50 степени Целзиусови. Поради тоа била уништена голема количина храна, а штетата се проценува на десетици милиони евра. На почетокот на ноември слични напади ги погодија супермаркетите во Белгија, Естонија, Финска, Ирска, Италија и други европски земји.

Франција за еден од нападите го обвини Иран, поточно хакерската единица „Шахид Кавех“, за која тврди дека директно се финансира од Техеран. Случајот предизвика и дипломатски тензии меѓу двете земји, додека иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата како неосновани.

Овие инциденти повторно го отворија прашањето за безбедноста на системите од кои зависи секојдневниот живот. Претходно годинава биле забележани напади и врз повеќе од 30 локални водоводни системи во американската сојузна држава Минесота, како и врз помала британска електрана, која поради сајбернапад морала да го прекине работењето четири дена.

Марко Гулан, консултант за сајбербезбедност, специјализиран за критична инфраструктура и индустриска автоматизација, предупредува дека нападите врз ваквите системи бележат голем пораст. Особено загрижува тоа што сè почесто се избираат цели чие загрозување може да предизвика сериозни последици за општеството.

„Овој напад го покажа она на што предупредуваме со години: ваквите системи ниту се димензионирани ниту се предвидени да бидат изложени на интернет“, вели Гулан.

Станува збор за таканаречени ОТ-системи (оперативна технологија), односно технологии што управуваат со физички процеси и индустриска опрема, а не за класични ИТ-уреди. Проблемот е што многу од нив со години се поврзани на интернет, иако првично не биле проектирани за таков начин на работа.

Причината, меѓу другото, е практична. Производителите често сами ја одржуваат опремата, а далечинскиот пристап им овозможува да вршат сервисирање без да доаѓаат на локацијата, со што се намалуваат трошоците. Но, ваквите уреди имаат долг работен век – 15, 20, па дури и 40 години. Кога опрема што не е предвидена за интернет ќе се поврзе на мрежа без соодветни безбедносни мерки, станува ранлива.

„Можете да замислите што се случува кога во бранот масовна дигитализација ваквите уреди насилно ќе ги поврземе на интернет, а потоа нивното компромитирање станува релативно едноставно“, предупредува Гулан.

Нападите врз критичната инфраструктура вообичаено бараат многу пари и време, но некои можат да бидат изненадувачки едноставни. Токму ваквите инциденти покажуваат колку долго се занемаруваат основните безбедносни пропусти.

Проблемот не се само хакерите, туку и производителите на опремата

Гулан нагласува дека дигитализацијата сама по себе не е проблем, туку начинот на кој се спроведува. Поврзувањето на уредите на интернет не мора да биде ризично доколку се применуваат соодветни безбедносни процедури.

„Производителот на опремата не ја направил првата безбедносна проверка, а тоа е дека, кога еднаш ќе го инсталирате уредот во системот, мора да ја смените фабрички поставената лозинка. Тоа не е опција, туку обврска“, истакнува тој.

Дополнителен проблем е што уредите поврзани на интернет можат лесно да се пронајдат и идентификуваат преку платформи како „Шодан“, која овозможува пребарување на уреди достапни на мрежата.

Гулан потсетува дека нападот врз француските супермаркети не бил изолиран случај. Неколку недели претходно речиси идентичен напад погодил американска компанија што ја снабдува војската со храна, а набргу потоа мета биле и системите за ладење во кои се чувале крв и крвна плазма за трансфузија.

„Ми се чини дека по првиот сајбернапад не била направена изолација. Уште многу уреди останале изложени на интернет“, оценува Гулан.

Доколку не се спроведат сериозни промени, предупредува тој, би можеле да бидат загрозени цели системи на критичната инфраструктура, вклучително и снабдувањето со електрична енергија и вода. Таквиот развој на настаните би можел да ја доведе во прашање националната безбедност и да отвори простор за ескалација на судирите меѓу државите во сајберпросторот.

Зошто е тешко да се утврди кој стои зад нападите?

Иако во јавноста одредени сајбернапади често се поврзуваат со конкретни држави, Гулан предупредува дека за сигурно утврдување на одговорноста се потребни време и детална дигитална форензика.

„Тешко е да се влезе во трага, односно мора да помине одредено време, бидејќи е потребно да се соберат многу артефакти во рамките на дигиталната форензика“, објаснува тој.

Поради тоа смета дека е прерано да се носат конечни заклучоци и да се обвинуваат конкретни држави, особено во период на изразени геополитички тензии. Како што наведува, вториот бран напади врз супермаркетите не се поврзува нужно со Иран, туку се споменува и проруската група АПТ57.

Гулан укажува и дека одредени држави користат сајберкриминал за финансирање на своите активности. Меѓу нив ги наведува Северна Кореја и Иран, но и одредени руски компании.

Дополнителен проблем е што напаѓачите можат лесно да ја негираат одговорноста, додека активностите во сајберпросторот тешко можат да се поврзат со конкретни механизми за колективна одбрана, како што е членот 5 од НАТО.

Затоа Гулан го гледа сајберпросторот како област во која државите можат да се напаѓаат меѓусебно со релативно мал ризик од непосредна воена ескалација.

Дали се загрозени и нашите паметни уреди?

Опасноста не се однесува само на големите системи и индустриските постројки. Сè поголем број уреди во домаќинствата се поврзани на интернет – од телевизори и фрижидери до роботски правосмукалки и домашни системи за надзор.

Гулан смета дека во овој случај особено важно е прашањето за приватноста. Потсетува дека „Самсунг“ уште во 2017 година ги предупредувал корисниците за можноста сензорите и камерите во телевизорите да собираат податоци. Затоа, вели тој, треба да внимаваме што сè содржат уредите што ги внесуваме во домовите.

„Колку повеќе работи изложуваме на интернет, толку поголем ќе биде проблемот“, вели тој.

Ризикот не мора да заврши само со собирање податоци. Ако напаѓачот успее да добие пристап до еден уред, може да се обиде да се прошири и на другите системи поврзани на истата мрежа.

Како пример, Гулан го наведува случајот со упад во една од големите казина, кога напаѓачите пристапиле до мрежата преку сензор во аквариум. Потоа се движеле низ системот сè додека не стигнале до други делови од инфраструктурата и не предизвикале сериозна штета.

Сепак, Гулан смета дека е важно да се направи разлика меѓу оправданата претпазливост и паранојата.

„Загриженост – да, но параноја – не. Технологијата напредува и колку побрзо научиме да се справуваме со тие ризици, толку подобро“, порачува тој.

Како да се заштитиме и на што да внимаваме?

Кога станува збор за заштитата на обичните корисници, Гулан советува вниманието да се насочи уште при купувањето на уредите. Најевтините производи не се секогаш и најдобриот избор, особено кога станува збор за безбедноста и заштитата на податоците.

„Знам дека од перспектива на корисникот купувањето уред за еден или два долара, односно едно или две евра, може да изгледа како добра инвестиција. Но, кај уредите што чинат неверојатно малку, треба да внимаваме на тоа дека ние стануваме производ, односно дека производ стануваат нашата приватност и нашите податоци“, објаснува соговорникот.

Кога станува збор за обврските на производителите, Гулан ја истакнува важноста на европскиот Закон за сајберотпорност (Cyber Resilience Act), кој треба да воведе построги безбедносни барања за дигиталните производи и уредите.

Со тоа, меѓу другото, би требало да се спречат ситуации во кои опремата со децении работи со непроменети фабрички лозинки и без соодветна заштита.

Сепак, одговорноста не е само кај производителите и регулаторите. Корисниците, смета Гулан, треба да почнат критички да размислуваат за технологијата што ја користат секојдневно и да се запрашаат дали секој паметен уред навистина им е неопходен.

„Време е полека да почнеме малку покритички да размислуваме и да се прашуваме не дали можеме да користиме технологија, туку дали таа ни е потребна во одреден момент од животот“, заклучува тој.


Повеќе за хакерскиот напад врз фрижидерите во европските супермаркети погледнете во новата епизода на емисијата „Ван коцке“ во приложеното видео.

е-Трн да боцка во твојот инбокс