Витаминот Ц може да се зема со оброк или на празен стомак, бидејќи начинот на внесување нема значително влијание врз неговата апсорпција во организмот. Многу поважни се дозата и тоа како желудникот ја поднесува.
Експертите од Институтот „Лајнус Полинг“ при Државниот универзитет во Орегон посочуваат дека нема докажани предности или недостатоци од земањето аскорбинска киселина самостојно или со храна, кога станува збор за количината што стигнува во крвотокот. Александар Михелс, експерт за витамин Ц од Институтот, објаснува дека калциумот може малку да ја намали апсорпцијата, но разликата веројатно нема да биде забележлива.
Кога витаминот Ц може да предизвика стомачни тегоби?
Кај некои луѓе аскорбинската киселина може да предизвика стомачни тегоби или киселини. Според Михелс, токму тоа е главната причина да се размисли за таканаречениот пуфериран витамин Ц. Овие производи најчесто содржат минерални аскорбати, кои имаат pH-вредност поблиска до неутралната и поретко го иритираат желудникот.
Од Канцеларијата за додатоци во исхраната (ODS), која работи во рамките на Националните институти за здравје на САД (NIH), посочуваат и дека витаминот Ц ја подобрува апсорпцијата на железото од храната од растително потекло.
Зошто дозата е поважна од времето на земање?
Според податоците на ODS, при умерен дневен внес од 30 до 180 милиграми, организмот апсорбира околу 70 до 90 отсто од витаминот Ц. Кај дози поголеми од еден грам дневно, апсорпцијата паѓа под 50 отсто, а вишокот се исфрла преку урината.
Затоа, според Михелс, ако целта е да се одржи повисоко ниво на витамин Ц во крвта, подобро е дозата да се распореди во текот на денот. Земањето двапати дневно го опишува како најдобар баланс меѓу практичноста и одржувањето на нивото во крвта. Препорачаниот дневен внес за возрасни е 90 милиграми за мажи и 75 милиграми за жени. На пушачите им се потребни дополнителни 35 милиграми дневно.
Горната граница на дневен внес за возрасни е 2.000 милиграми. Поголемите количества можат да предизвикаат дијареја, мачнина, стомачни грчеви и други дигестивни тегоби, предупредуваат од ODS. Оттука, не е пресудно дали витаминот Ц ќе го земете пред или по појадокот. Поважно е да внимавате на дозата, да ја приспособите според потребите и да не претерувате со внесувањето.
